речник контакт

Велешкото семејство Жарови го преживеа скопскиот земјотрес

И по пет децении сликите од рушењето на железничката и Хотел Скопје се мора за Маринка и Атанас Жарови. Телеграмата дека се живи патувала седум дена

Петар Печков

Тричленото семејство Жарови Атанас, Маринка и Аленка  утрото на 26-ти јули  биле во хотел во Скопје кога  го преживеале земјотресот и потоа со првиот авион кој  го напуштил разурнатиот град го продолжиле нивниот пат за Љубљана. И по  половина век живи се нивните сеќавања за кобното утро, што однесе многу човечки животи. Но и спомените кога Железничката станица  и Хотелот Скопје се рушеле како кула од карти.

Бевме во посета на  моите родители во Велес допатувавме со воз а се решивме да се вратиме со авион, оти ја имавме Аленка како деветмесечно бебе, да не патуваме долго. Затоа допатувавме од вечер во Скопје и на моите им најавивме дека ќе спиеме во хотел Скопје. Но таму немаше место, беше се полно, рецепционерот побара на други места и ни обезбеди  во  Инвалидскиот дом, тука во близина.  Се сместивме таму, прошетавме вечерта, оти сопругата сакаше да го види Скопје, како изгледа со есенската поплава. Беше убава тивка, топла летна вечер, која не навестуваше дека по  десетина часа ќе се случи катастрофа  - вели дипломираниот инженер Атанас Жаров.

Нарачале будење во 4,30 оти автобусот од деловницита на ЈАТ, спроти кино Вардар  тргнувал во 5,30. Така и биднало и тој веќе го однел куферите  а се вратил по сопругата и ќеркичката, кога се случил земјотресот.

Не знаевме што се случува. Имаше голем татнеж, јас паднав а мојата сопруга се тетеравеше лево-десно покрај прозорот. Веднаш истрчавме по скалите до блискиот парк. По неколку минути имаше втор голем потрес и тогаш пред наши очи се разурна Хотелот Скопје, го снема. Од купиштата прашина не се гледаше ништо. Кога се крена, видовме како некои луѓе, најверојатно гости  како одат по таа грамада од тули, камен. Имаше паника, се слушаше плачење  – објаснува Атанас.

Неговата пак сопруга Маринка од прозорот го гледала рушењето на Железничката станица.

Од  големиот татнеж почнав да се лулам, со ќерката во раце. Погледнав надвор и што да видам. Зградата на Железничка се раздвои на пола, се распукаа циглите, се разделија, како да  се отвори земјата. Кога излеговме надвор во  блискиот парк, доаѓаа луѓе и носеа информации. Се сруши ова, се сруши она. Зборуваа за големи отвори, процепи на земјата. Беше страшна слика. Ќерката Аленка носеше бело бебешко костимче, кое од прашината стана темно сиво. Таа слика ми е и денес пред мене. Верувајте  јас во Скопје заминувам не радо. Оти мојата слика за овој град е таа од земјотресот. Тоа е моја мора. И сега кога ќе замижам ми излегува сликата од рушењето на градот  – вели дипломираната професорка по математика  Маринка Жарова.

Во целиот тој метеж, сепак се појавил персоналот на ЈАТ кој ги повикал во автобусот и со него заминале на аеродромот. Тој не бил како сега во Петровец, туку 60-тите  во населба Пролет.

Беше дилема како да тргнеме за Белград, кога немаше врски, се беше во прекин. Стапија преку воените линии и рускиот авион, со пропелери со 30-тина патници и екипаж тргна. Некои од стјуардесите беа повредени, која во рака, која во глава, но беа на служба. Стигнавме во Белград, но оти доцневме го испуштивме летот за Загреб. Таму никој не знаеше што се случило во Скопје, каков земјотрес го погоди. Со ќерката во раце,  се обидувавме да  најдеме превоз за Љубљана и тоа ни успеа дури вечерта со автобус. Наместо за два  часа, ние дома стигневме по 24 часа, така било пишано. Но здрави и живи – вели Жаров.

Со нив во авионот биле две јапонки кои ги фотографирале а тие слики излегле во вечерното вонредно издание на Политика, во кое се пишувало за  земјотресот во Скопје. Тој кога стигнал во Љубљана веднаш се пријавил да оди  да помага на разурнатото Скопје, но бригадите веќе итно заминати. Сепак се решил само иницијативно да оди. Кога дошол назад, прво кај неговите во Велес се изненадил. Иако уште при стигнувањето утрото на 26-ти јули во Белград испратил телеграма кај неговите родители Марија и Вангел, дека се живи и здрави, телеграмата  стигнала заедно со него по седум дена. Откако неговите другари  и блиски го пребарувале Скопје, оти Атанас најавил дека ќе ноќеваат во Хотел Скопје, кој бил разрушен до темел а во листата на гостите, не било името на семејството Жарови, радост што тој се појавил со веста дека сите тројца се живи била голема.    Тој и неговата сопруга не можат да ја заборават сликата на Скопје од првиот лет тоа утро, кога авионот го надлетувал градот.

  Прво што приметив беше дека моето училиште  Здравко Цветковски ГУЦ  како гори.  Имаше и други запалени згради, пожари. Имаше многу разрушени објекти и купчиња луѓе кои се собрале на некоја чистина, за да се заштитат од нов потрес. Кога ја видов браната Матка првата мисла  ми беше што ако таа попушти, ќе го збрише Скопје, што за среќа не се случи  – вели Атанас Жаров. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »