речник контакт

Велосипедот на Јордан Ангелов, мина илјадници километри

Ангелов како велосипедист возел на многу трки, победувал но и поправал велосипеди

Петар Печков

Велосипедот на велешанецот    Јордан Ангелов е семејно богатство. Со него Орце извозил илјадници километри, возел низ Балканот, учествувал на стотици трки, со него победувал и се радувал. Затоа денес се чува како трофеј и значајно семејно наследство.      

Велосипедот  го чуваше во спална. Толку  многу го сакаше, што по возење прво него го бришеше па после тој  се бањаше. Како аманет го остави на внукот Пане, тој да ја продолжи традицијата, оти ние имавме две ќерки, кои немаа многу желба да го користат велосипедот – објаснува  - Лила Ангелова, сопруга на Јордан. Неговата љубов кон точакот, како што велешани го именуваат ова превозно средство, била од мали нозе. Мераклија бил на велосипеди, па на 10 годинашна возраст се вработил во дуќан за поправка, кој се наоѓал спротива до Анот. Цел живот на Јордан е  поврзан со велосипедот, час го возел а подоцна го поправал.  

Сопругот останал без татко на три години, израснал сирак а биле четири деца, тој бил најмал.  Живееле во сокак, каде денес е месарницата на Микарот.  Како дете почнал да работи во дуќанот, да поправа точаци, по некое време добил и еден на подарок.  Откако пораснал cе вработил прво време во Брако, па во Жито Вардар, ама велосипедот му беше постојано низ животот – додава Лила.

Најголем негов дострел се подготовките за репрезентација во Опатија -Хрватска и изборниот натпревар кој по еден месец тренинг го возел таму. Иако подолго време бил во водство, на крајот во финишот од трката  паднал на четврто место.  

Ангелов бил специјалист за ридско возење. Возел на трките Низ Југославија, но како член на  скопски клуб, оти 1959-тата по барање на колега Гулески, преминал таму и следните 4 години возел за нив, по  што ја завршил кариерата.  

Во една пригода со комшијата Диме Фрчалото, на велосипед беа до Атина и назад. Димче му беше комшија во зградата и така на велосипед се дружеа. Треба да се знае дека Димче го имаше најскапиот велосипед во градов, вреден сегашни 4,5 илјади евра. Едно време дедо ми Орце  возеше и мастер трки, тоа се трки на ветерани во велосипедизмот - раскажува неговиот зет Живко Ѓеоргиев.

Иако и тој е велосипедист, го чува велосипедот  оставина-  не го користи, кој дедо му Орце го остави за внукот Пане.   Но раскажува случка, за која пишувале американските весници, а еден примерок по пошта добил и Јордан.  

Интересен настан се случи со двајца американци кои со велосипед патувале околу светот, ама заглавиле во Велес.  Им се расипал велосипедот успеале да го најдат  Орце, кој  им го поправил, ги згрижил, наранил. Кога завршиле со патувањето, пишувале во американски весниците, и имало текст и за тоа како, Орце им ги поправил велосипедите, когоа најмногу им требало – додава Живко.  

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »