речник контакт

Велјанов непресметлив, оди на задолжително лекување

Тој беше обвинет за едно убиство и четири убиства во обид, на членови од семејството Најдови

Петар Печков

На Спасе Велјанов ( 47 год) судот му изрече мерка за чување и лекување во здравствена установа, оти кога ги сторил делата -едно  убиството и четири други  во  обид, бил психички болен.  Ова е одлука на Основен  суд Велес, откако беше сослушано вештото лице д-р Валентина Чаловска Самараџиоска, од ЈЗУ Клиника за психијатрија Скопје. 

Обвиентиот е во состојба на перзистентно налудничаво растројство, тоа е психоза болест, збир  на повеќе налудничави идеи кои доминираат и влијаат  на променетото неадекватно поведение.  Лицето има трајна душевна болест. Таа била присутна години наназад, непрепознатлива за неговата околина  и не бил лекуван.  Тој не може да го сфати значењето на делата што ги  сторил, не можел да управува со своите  постапки и да расудува.  Тој е интровертна  личност, малку ги искажувал неговите проблеми и затоа никој не можел да ги примети. Се  случила ненамерна провокација дента, која придонела за подоцнежните реакции - рече д-р Чаловска Самарџиоска. 

Поради сиве овие констатации докторката за Велјанов предложи лекување во здравствена установа, која судот подоцна ја прифати.   

Тој беше обвинет за убиството на Димче Најдов, и  четири обида за убиство,   на  сопругата на Димче -   Ленче, ќерката Тања, братот Тодор и снаата Весна. Настанот се случи на 16 август минатата година  околу 2 ч. по полноќ, во Велес на улица Коле Цветков 131. Велјанов влегол и сите членови  на семејството Најдови ги удирал со чекан во глава, без некој  мотив и причина. Тие биле соседи и  живееле куќа до куќа. 

Ова  е хорор приказна, како од филмовите, која за жал се случи  во стварноста. Законодавецот за  ваков случај, убиство и четири во обид   пропишал доживотен затвор, но од наодот на вештото  лице произлегува дека обвиентиот  боледува од  трајна душевна болест и не можел да  го сфане значењето на делото кое го сторил - рече обвинителката Аделина Станинова.

Таа побара од судот  освен што Велјанов ќе го испрати на психијатриско лекување  да не биде пуштен на слобода, бидејќи   бил ,,опасност  по околината, каде ќе живее и  ќе се движи,,.    

Претходно пред судот сведочеа оштетните, членовите на  семејството Најдови. Во мачна и тажна атмосфера, тие се навратија ноќта од пред шест месеци, која нема лесно да ја заборават. 

Со тежина се сеќаваат што се случувало ноќта на 16 август, откако  попладнето правеле подготовки за свадба на  синот, која  требало наскоро да ја прават.  

Слушнав тресок и го видов обвинетиот над мене со чекан.  Добив неколку удари, почнав да викам, по што втрчаа моите родители и нив почна да ги мава. Успеав да истрчам од собата, но толку  бев распаметена   што не можев  да повикам полиција, па се вратив и ги видов родителите како лежат на земја облеани во крв. Истрчав надвор и се судрив со таткото на  обвиентиот . Трчав по комшии, барав отворена  порта, за да побарам помош. Наидов на една, чукав мавав на прозорот, тие  отворија ама  не ме препознаа, оти бев  облена во крв - раскажа ќерката Тања Најдова. 

Сведочеше и снаата за брат на починатиот Димче, Весна Најдова.

Слушнавме викотници и помисливме дека нешто му се случило на Димче па со сопругот се стрчавме нагоре, оти живееме еден спрат подолу. Налетавме на Тања која рече Спасе го отепа тато и мама.  Кога влеговме во собата на Тања, тој беше нем, немаше глас и  го  прашав ,,што е Спасе,, по што тој  почна мене да ме мава со чеканот  по глава. Сопругот Тодор и Спасе отидоа во трпезарија, каде се водеше борба а јас истртчав на тераса и викнав колку  што можам ,,помош,, ме слушнале дури и преку Вардар. Се вратив  и видов во собата како Ленче го држи Димче во скут  и прашав дали е жив. Излегов надвор и го видов Спасе како со таткому си оди, отиде си ги изми рацете од крвта и влезе дома, па ја заклучија вратата.  Пред тоа ми рече ,,Вашите деца ги растевте со мене, сега и внуците ли,,  што не разбрав што сакаше да каже - раскажа Весна Најдова. 

По неа сведочеше нејзиниот сопруг Тодор Најдов, брат на убиениот Димче. 

Кога влегов во собата, Спасе имаше ладен  израз на лицето, маваше со чекан имаше убиствен поглед. Кога дојде татко му го зема за рака, како учениче и го однесе без збор. Го прашав  татко му ,,што направивме за ова да се случи,,  а тој стави прст на  уста како знак да молчам и ја затвори вратата - рече Тодор.  

Сведочењето го заврши Ленче Најдова, сопруга на починатиот Димче, кај   која се уште беа видливи  траумите од кобната ноќ, но и повредите која ги здобила од Велјанов. 

Кога слушнавме   тресок, и вресок на ќерката Тања со Димче истрчавме до собата кај неа. Не го видво обвинетиот но добив удар со чекан по глава и паднав на подот. Почна да го удира  Димче и тој падна, слушав како офка.  Сакав да станам, но не можев, од толку крв што имаше разлеано по подот се лизгаше. Ја земав главата на Димче во скут и му реков ,,издржи,,. Дојде таткото на обвинетиот и пред  да го однесе ми  рече ,,што направите,,  - зборуваше Ленче, која избираше зборови за да најде вистински изрази за тоа што го доживеа.   

Одговарајќи на прашањато за односите со соседите, сите од семејството Најдови рекоа дека биле  одлични, немало нарушувања, дури и биле кумови на  ќерките од  сестрата на Спасе. Пред 6-7 години поради некоја трета сосетка , се скарале и разишле но без кавги, но контактирале.  Кобниот ден  15 август Најдови местеле тенда, но ги  прашале комшиите дали   ќе им пречи, на што се договориле колку да биде голема за да не прска водата кај Велјанови.  

Обвинетиот Спасе Велјанов, во негова одбрана кажа дека  немало сведоци на настанот, како што тврди обвинителството.  Тој овој чин го раскажа  на неговиот фејсбук профил.  Го оправда дека се решил да ги убие ,,неговите монструми, и се што подоцна ќе слушнат неговите ФБ пријатели лошо за  него, е натоварено од  овие монструми,,

фото архива

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »