Петар Печков
Објавено: вторник, 11 март 2014
Во Велес, во градот до 1943-тата живееле две еврејски семејства а едното било депортирано на 11 март таа година. Ова се податоците со кои располага Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Во Велес во времето ан Втората Светска војна живееле две семејства. Првото е семејството Бити кое биле аптекари и семејството Кова. Ова било депортирано во логорот Треблинка од каде не се вратиле живи. Бити бидејќи биле потребни како аптекари и лекари, иако биле уапсени биле вратени во Велес. По депортацијата во Велес била донесена и докторка од Белград, тоа е Јела Ишах Хидвеги. Докторката се враќа и Белград и живееше се до 2000-та до кога имаме податоци за неа. За семејството Бити знаеме дека се преселило во Израел во 1948-та и повеќе немаме податоци за нив - рече Горан Садикарио директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.
Според расположливите податоци за депортираното семејство Кова, тоа било трговско и индустриско. Работеле и со централата во градот и со киното, меѓу другото. По списокот на депортирани од Велес четири лица од семејството Ково, Аврам Исак (42 год) и сопружниците Аврам Илија (39 год) сопругата Буна Илија ( 31 год) и ќерката Солча Илија (5 год).
Тие како и 7,7 илјади депортирани македонски евреи од страна на бугарските окупатори, трагично го загубиле животот во злогласниот логор Треблинка во Полска и тие се дел од севкупно 6,5 милиони евреи кои настрадале во II Светска војна. За жал во Велес не може достојно да се одбележи денот на депортацијата на македонските евреи, бидејќи не постои спомен обележје, кое нивните сограѓани ќе ги потсетува на семејството Кова, евреи живееле некогаш живееле во градот а трагично го завршиле животот во германските конц- логори.
Директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија побара и во Велес како и во Скопје, Битола и Штип, градови од каде се депортирани Евреи од Македонија да се постави спомен плоча.
Се надевам и очекувам дека локалната самоуправа и градоначалникот на Велес, ќе најдат сили да постават спомен плоча, со која трајно ќе се обележи дека и во Вашиот град живееле Евреи кои ја доживеаја трагичната судбина на депортацијата - рече Садикарио.
Tweet |