Петар Печков
Објавено: четврток, 28 декември 2017
Вчера попладне, патнички воз удрил во два коња кои биле на пините да шетаат и ги усмртил. Несреќата се случила во центарот на Велес, на кочанска пруга близу Галаријата. Возот го продолжил патувањето а на машината немало сериозни оштетувања. Но затоа материјална штета има кај автомобил, кој минувал по блиската улица а врз кого паднал еден од коњите.
Вторникот попладне во 17,45 часот во СВР Велес Д.В.(63) од Велес пријавил железничка незгода. Истата се случила на железничката пруга Велес-Кочани на 100 метри пред Железниот мост. Возот број 651 кој сообраќал на релација Скопје-Кочани, удрил во два коња, сопственост на непознато лице, кои се движеле по пругата. Од ударот едниот коњ паднал врз патничко моторно возило „Фиат Пунто“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на Ѓ.М.(52) од Велес и го оштетил возилото - изјавија од МВР.
Екипи на комуналното претпријатие од Велес, ги подигнале мртвите коњи и тие се префрлени на градската депонија, каде ќе бидат погребани согласно законските прописи.
Од Здружението за заштита на животните ,,Анималс војс,, од Велес бараат полицијата да открие чија сопственост се коњите, кои поради негрижа на сопственикот биле оставени на пругата и усмртени.
Tweet |