Петар Печков
Објавено: петок, 30 декември 2016
На неодамна одржаната Јавна расправа за аеро-загадувањето на Велес, најдобра илустрација, зошто со денови имаме загаден воздух, објасни проф. др. по технички науки и експерт по екологија Бошко Ников.
Имаме несоодветно согорување кај домашните печки, несоодветно согорување кај поголем дел од автомобилите кој се без еуростандарди. Загадувањето се јавува во зиме, поради намалената можност за подигање на воздух од земјената површина кон горе. Или доле воздухот е ладен, молекулската густина и тежина е поголема, воздушниот притисок е поголем. Затоа треба поголема сила да го истурка кон високото. Би било добро да има споредба помеѓу атмосферскиот воздух и загадувањето. Меѓу нив постои тесна врска. Во овие зимски месеци атмосферскиот притисок е најголем. Цврстите материи допринесуваат во развојот не само на респираторните болести, дури и на некои потешки, тоа е познато. Цврстите честички под 10 и 2,5 микрони се одличен апсорбенс за секој вид бактерии и така се внесуваат во човековото тело. Не смее да се заборави на историското загадување на Велес, кое има влијание на квалитетот на воздухот, депонијата со згура и загадената почва. Тука се и сепарациите, каменоломите и фабриката во Превалец – изјави Ников.
За него е најважно да се едуцира населението дека горењето на органски материи, кои содржат хлориди никако не смее да се случи, како и построга контрола при техничкиот преглед на возилата, доследна примена на законската регулатива.
Тој побара и повеќе дрва, зелен појас околу градот. Екологистите од Велес пак побараа да се отвори уште една мерна станица за мерење на аерозагадувањето во Велес, бидејќи од седум колку што ги имаше пред 10-тина години кога работеше Топилница, сега работат две.
Tweet |