Петар Печков
Објавено: петок, 21 октомври 2016
Наместо во фабричкиот круг, вработените од Фабриката за шински возила ,,Колска,, од Велес протестираа на железничката станица. Така тие го продолжија нивниот штрајк, со барање за исплата на заостанатите плати.
Иако го сработеле договореното со ЈП Македонски железници, поправка на товарни и патнички вагони, таа се уште не исплатила дел од парите. Поради ова немаат земено плата од јули, ниту имаат платено здравствено осигурување.
Од вечера до денес ништо ново, никој не реагира. Директорот не може да ги обезбеди средствата кои ни ги должат МЖ. Затоа нашиот штрајк денес продолжи на железничка станица во Велес а вторник одиме во Скопје, пред Влада и пред Македонски железници. Ние сме сопственост на државата и затоа ќе протестираме пред Влада, мораме од нашата работа да живееме, работевме а пари не добивме. Затоа сме денес овде на железничка, патничкиот воз ќе го пуштиме, сакаме само да алармираме во каква состојба се наоѓаме – изјави Слободан Димитриевски претседател на синдикалната организација во Фабриката за шински возила ,,Колска,, од Велес.
Револтот од тоа што немаат со месеци земено плата стотината вработени го искажаа со блокада на патничкиот воз, кој напладне тргнува за Скопје, но сепак на крај во интерес на патниците го пуштија на време.
Оваа година ,,Колска,, одбележува еден век постоење. Во април, по долго време добија работа, да поправат на Македонски железници 75 товарни вагони. Но според работниците есапот во договорот излегол грешен. За една кола се плаќало по пет илјади евра, а тие биле премалку да се обезбеди репроматеријал и средства за плати.
Претходно една кола за поправка се плаќало по седум илјади евра и со тие средства се покривале сите трошоци и останувало за плати.
Tweet |