Петар Печков
Објавено: четврток, 13 јуни 2013
Со врачувањето на наградите вчеравечер во Велес завршија 50-тите Рацинови средби. Рациновата награда ја доби Илхами Емин за делото ,, Ѕид што си оди ,, во издание на Магор од Скопје. Тој ова признание го доби во конкуренција на дваесет дела а истото го пишувал 34 години, од 1974 до 2008. Емин, кој твори на два јазика турски и македонски е редок пример на автор билингвист, а пред присутните во салата Бели мугри прочита песна, која деновиве ја напишал за Рацин. Неговата кратка порака ги освои присутните.
Секој на свој начин е Величествениот – рече Емин. Наградата Почесно Рациново признание за афирмација на македонската култура во странство ја доби Романецот Јон Деаконеску, поет и професор на Универзитетот во Крајова, чии дела се преведувани на повеќе јазици од светот.
Се чувствувам многу почестен со добивањето на ова престижно признание, кое го носи името на создавачот на современата македонска литература, повеќезначна личност. Тој е потресувачки и изненадувачки оригинален поет, творец на вистинското чувство на убавото, длабок мислител и голем патриот – рече Деаконеску.
Во продолжение, во чест на наградените концерт одржа групата ,,Леб и сол,,. Претходно беше промовирано ЦД со најубавите љубовни песни на Рацин ,,Балада за човекот болка,, на Александар Кукулев. Денес, четврток на 13 јуни, на денот на погибјето на Лопушник, во Кичево во домот на културата се одржува поетски митинг.
Tweet |