Петар Печков
Објавено: четврток, 03 декември 2015
На 36 плакати во Ликовниот салон во Велес отворена е изложба на фотографии ,,Сакралните објекти и старата рурална архитектура во велешкиот регион,,. Вредни дела, кои се далеку од очите на јавноста, по запустени, напуштени, заборавени села во поширокиот региона на Велес, вклучувајќи ги Чашка и Градско, се презентирани пред публиката.
Црквите во Попадија, Слп, Свеќани, Попадија,Војница се помалку се посетени, бидејќи има се помалку жители во овие села. Но нивната убавина и културно богатство напротив се значајни за Македонската историја. Црквите се градени од Дамјанов и Џонгар, фрески и икони цртани од Папрадишки и Зографски.
Преку овие фотографии имаме пресек на сакралните објекти кои пред се во околината на градот, а за кои јавноста малку знае. Селата оставени без луѓе, со заклучени цркви се далеку од очите на јавноста, иако имаме големо и значајно културно и историско наследство. Архитектурата пак на куќите е многу блиска со градската, според елементите на градење. Таа е органски блиска со природата, која ги опкружува селата - вели Елица Николова, директорка на Народен музеј Велес и една од авторите на изложбата.
Таа е во организација со Националниот Конзерваториски центар од Скопје. Во период од три години 2012 -2015 посетени биле 77 цркви од исто толку села. Некои од црквите се оставени на забот од времето, па се срушени, исчезнати. Во велешко има објекти од 17 век со фрагментарно сочувано ѕидно сликарство или икони, како што е случај со црквите во Црквино, Свеќани, Мартолци, Бистрица, Ногаевци, Убого, Габровник, Дреново.
Во регионот се кријат и засега непознати за научната јавност споменици од пост византискиот период , храмови од мали размери на едно бродни селски црквички. Делумно некои од нив во 19 век биле пресликани но сепак ја пополнуваат непознатата слика за пост византиска уметност во Повардарскиот регион. Наспроти тоа во средината на 19 век изградени се значајни храмови во Папрадиште, Согле, Бистрица, Богомила кои сведочат за македонскиот градител гениј.
Дел од црквите во велешко се неоткриено богатство, мислам на селските во околината на градот. Факт е дека состојба е што има две страни, добра и лоша. Втората е што селата оставени се на забот на времето, пред распаѓање, пред нашите очи исчезнуваат. Селата се иселуваат, нема кој да ги одржува објектите, или кога се обновуваат тоа се прави без стручен надзор при што се губат квалитетите и автентичноста. Потребна е стратегија, како да се справиме со оваа состојба. Со заеднички настап, почнувајќи од луѓето кои живеат во селата или од таму заминале, свештените лица од МПЦ и надлежните од локалната власт, работите можат да се променат. Мораме да оставиме за идните генерации, што тоа нашите предци изградиле како светилишта - вели м-р Дарко Николовски, советник конзерватор при Националниот Конзерваториски Центар Скопје.
Поширокиот велешки регион изобилува со црковни објекти, градени низ вековите, со големи уметнички вредности. Некои од црквите останале само на фотографиите, оти времето ги уништило. За жал со нив и вредените фрески и икони. Наспроти тоа црквата Св. Никола во селото Попадија е одлично сочувана, иако во него живеат малкумина.
Во селото постојано живеат само четворица. Но сите заедно со отселените ја чуваме и сочувавме. Домаќин сум 15 години, сега собравме пари и правиме нова камбанарија. Претходно го обновивме кровот. Иако сме подалеку од Велес, луѓето родум од селото ја посетуваат, преку викенд има народ - вели Душан Ончев од село Попадија.
Tweet |