Петар Печков
Објавено: среда, 21 јануари 2015
Жителите на дел од улицата Благој Ѓорев, од споменикот на Панко Брашнар, до Багремче па и повисоко се жалат дека подолг период имаат проблеми со водоснабдувањето. Се случувало дефектите да бидат секој ден и по 5 до 6 часови.
Кога наутро ја пуштам чешмата, стравувам дали ќе потече вода. Не можеме работа да потераме дома претпладне. За жал почесто се случува славните да се суви отколку да тече вода низ нив. Ни празник ни делник. Тешко се одржува хигиена, да се подготви ручек, јадење - вели домаќинка која живее во овој дел на градот и често се судрува со овој проблем, недостиг на вода.
Од ЈКП Дервен објаснуваат дека причините за немањето вода, во овој дел на градот, се бројните дефекти кои зимава се случувале. Пред се поради ниските температури
Изминатиот период на ул. Благој Ѓорев поради технички причини, поточно оштетувања на водоводни цевки, ЈКП Дервен почесто интервенираше за отстранување на дефектите, при што привремено имаше прекини во водоснабдувањето. Во случај на дефект на водоводна линија, ве уверуваме дека работните тимови работат се додека не се отстрани дефектот и вложуваат максимални напори прекините во водоснабдувањето да бидат што е можно пократки - велат од ЈКП Дервен.
Од таму додаваат дека причината најчесто била пукањето на водомерите, кои не биле соодветно одржувани во овој период. Тие препорачуваат до граѓаните да ги заштитат овие инструменти, оти најчестите дефекти досега биле токму нивното оштетување, пукањето на стаклото од замрзнување. Па кога водомерот се заменувал од страна на ЈКП Дервен, морало да се исклучи и водата, па така се случувало поради ова дел од населбата често да биде без вода по домовите.
Tweet |