речник контакт

За социјален ручек и по 3 км. пеш на плус 40

Социјалците од Велес за да добијат бесплатен оброк, мораат да пешачат низ цел град

Петар Печков

И здрави и болни, на +40 некои велешани  минат и по три километри за да дојдат до ,,социјалниот ручек,,.   Од населба Тунел, од Шорка, од Долни дуќани, сите редум во терминот од 11 до 13ч. се пред просторијата каде се дели гратис ручекот, за социјално  ранливите категории.  Така е месец и половина,  од 15-ти мај, кога е воведен оваа  новина која сите 110- лица, без исклучок тешко ги погоди. 

Имам рак, на хемотерапија сум. Ова ми  е единствениот оброк кој го добивам. Сопругот работеше градежник  13 години почина, ама фирмата  не го вработила ниту ден, така немам пензија. Децата си фанаа патот. Живеам со  1,3 илјади денари месечно. Овој оброк ми е единственото нешто, тој е мојот живот. Вчера бев во Скопје, на Клиника и останав без јадење  – вели низ солзи велешанка која секојдневно доаѓа од населбата Шорка, која е спроти железничката станица.

И пешачи до просторијата која се наоѓа карши Автобуската станица, на другиот дел  од градот. Вели тешко и е  на  овие температури да пешачи, но избор нема.  Друг велешанец кој е таксист,  дојде и го подигна оброкот за неговиот другар.

Другар ми  не  може да се движи. Јас за него доаѓам го земам. Треба да се стори нешто и да има уште еден центар за поделба  во новиот дел на Велес, вака е мошне тешко – вели Стојан.

Сличен проблем со нозете,  има велешанка која живее кај црквата Св. Спас. Додава оди по сат и  пол во еден правец исто толку назад.   Ацо пак живее кај Жаба зграда, има 70 години, кои тешко се навалиле на неговите слаби плеќи. 

Одам со саати. До тука е надолнина, ама тешко ми е  на враќање. Ќе поодам, ќе поседам и така, бабичката ме  чека до кај 2-3 ќе стигнам дома, по жешково. Ако платам такси, поарно со тие пари да купам ручек од кафеана, и без пари  за превоз  дома ќе ми го донесат. Ова ново решение тешко ме погоди и мене и останатите  – вели Ацо.

Сите без  исклучок велат дека храната е одлична, квалитетот супер, немаат забелешки. Овој ден за ручек има безелје со колбаси, четврт леб и сутлијаш и овошје.   Сите  стотина ,,социјалци,, меѓусебно се познаваат. Објаснуваат дека има жена корисник,  која има вградено стент и доаѓа да  ја подигне храната. Но денес не стигна.

Не дојдоа  и многу други, оти од 110-те  лица ручек подигнаа 70-тина, жешкото го стори своето.   Откако наместо во детските градинки, каде до средината на мај, им се делеше бесплатниот ручек,сега е во нова локација, дел од корисниците ги снемало. Велат дека познаваат најмалку 30-тина лица, на  кои не  им одговара новиот режим на подигнување  на храна, па се откажале.   

Од Министерството за  труд и социјална политика, под чија надлежност се т.н. народни кујни, го објаснуваат  новиот начин, кој погоди  повеќето од корисниците.  

На тендерот за обезбедување на оброк во Велес, победи скопска фирма, која имаше пониска цена од досегашниот снабдувач Детските градинки од Велес.  Поради ова ручекот повеќе не се дели по клоновите од градинките во Велес, бидејќи новиот снабдувач нема своја просторија, туку  го делиме  во наша просторија сместена во Агенцијата за вработување. Тоа е времено решение и еве сега дознавме за проблемот со жителите од подалечните делови на градот – велат од МТСП. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »