Петар Печков
Објавено: петок, 11 септември 2015
Само што започна новото рочиште за предметот тројното убиство во Кавадарци, истото беше прекинато. Судењето на обвинетиот Тони Станоев во Основниот суд во Велес почна одново, откако беше изменет петочлениот судски совет, кој работи на овој предмет. Станоев изјави дека го признава делото и сите три убиства, дека ги извршил на начин како што е опишано во обвинението. По ова беше дадена пауза од страна на судечкиот судија, по што беше кажано, дека признанието на вина не се прифаќа а судењето продолжува. На ова реагираше бранителот на обвинетиот, адвокат Драган Ѓоргиев.
- Изненаден сум што Судскиот совет признанието на вина го отфрла и тоа без објаснување. Поради ова и поради пристрасност, ќе поднесам барање за изземање на овој совет, во писмена форма до Претседателот на Судот. Решението за отфрлање на признанието за мене е неразбирливо - изјави Ѓоргиев. Ваквиот развој на настаните за застапникот на оштетеното семејство е само одолговлекување на постапката.
- Непотребно бранителот на обвинетиот, побара изземање на судскиот совет. Тој не верува во самиот суд. Ова е трето одлагање на расправите за овој предмет и уште повеќе се зголемува болката кај оштетените. Ова оди на штета на сите кои се вклучени во оваа постапка - рече адвокат Орданчо Темков, застапник на оштетеното семејство. По излегувањето од судницата, блиските на застреланите Илија , Билјана и Снежана Леови, низ солзи и плач, реагираа на новото одложување на овој судски процес. Тие беа разочарани што судењето никако да започне.
- Секое рочиште, секое доаѓање на Суд за нас е мора, кошмар. Не можеме да го гледаме ликот на овој убиец, кој не остави без најблиските. Но правдата е спора и достижна, дали за месец, два, обвинетиот ќе си го добие заслуженото. Не може да избега од правдата. Прифаќам единствено доживотна казан а тој сака да добие поблага, нема да успее - велат членовите на семејствата чии блиски беа убиени на 9-ти ноември лани. Обвинителството го товари Станоев (41 год) дека сторил три убиства и од живот ги лишил таткото, мајката и сестрата на неговата сопруга Данче, Илија ( 61 год), Билјана (56 год) и Снежана ( 33 год) Леови. Делото го сторил со умисла во семејниот дом на Леови кога тие се подготвувале за неделен ручек . Бранителот на обвинетиот не се согласува со тезата дека Станоев со признавање на вина, сака да избегне можна казна од доживотен затвор, која е предвидена за вакво кривично дело,тројно убиство.
Концепцијата на признание на вина, не само со новиот Закон за кривична постапка, има одредени олеснителни околности. Дали тоа ќе биде во конкретниот случај е големо прашање - рече Ѓоргиев.
На претходното рочиште, на 8-ми јули, обвинетиот за тројното убиство убиец Тони Станоев го призна делото, но откако во сведочењето даваше контрадикторни изјави со тие што претходно ги кажа околу начинот на извршувањето и тогаш не беше прифатено неговото признание на вина.
Tweet |