Петар Печков
Објавено: вторник, 28 јуни 2016
Од изминатиот викенд Македонски Железници инфраструктура го пушти во сообраќај против пожарниот воз (ППВ), кој интервенира во случај на пожар покрај пругите. Капацитетот на возот е 40 тони вода, во двата специјално подготвени вагони.
ПП возот кој е лоциран на железничката станица во Велес ја покрива територијата на пругите до Кочани, Гевгелија, Куманово и Битола.
Возот го опслужуваат четири групи вработени железничари со противпожарен курс. Секоја група има по три пожарникари кој дежураат 24 часа, и во секој момент обезбедена локомотива. Освен што ќе гасат пожар покрај железничката пруга, тие можат од нивните вагони да препумпуваат вода во противпожарните возила. Така се штеди на време но и се помага на противпожарните возила кои се на терен- велат од АД МЖ Инфраструктура.
ПП возот ќе сообраќа до средината на септември, во зависност од временските услови. Минатата година екипата на возот имала десетина интервенции, кога оган беснеел покрај пругите на Македонски железници, најмногу работа имале во Прилепско и Битолско.
Овој воз претходно минел покрај пругите и извршил превентивно прскање со хемиски средства, во широчина од еден метар, со што тревата и зеленилото се отстрануваат. Така се оневозможува да се појави оган покрај пругата.
Tweet |