Петар Печков
Објавено: среда, 06 септември 2017
Кавадарчанецот Ѓоре Тодоров (69 год) доби затвор од 2 години, еден месец и два дена заради тоа што искинал гласачко ливче на гласачко место.
Тој во Основен суд Велес, го признал делото, по што е прогласен за виновен за кривично дело ,,Уништување на изборен материјал,,. Инцидентот се случи на последните парламентарни избори на 11 декември лани, околу 12 часот на избирачкото место бр.0677 во ОУ Тоде Хаџи-Тефов во Кавадарци.
Според обвинението на избирачкото место Тодоров дошол во придружба на неговата сопруга па откако ги примиле гласачките ливчиња и обвинетиот го остварил своето гласачко право, се упатил кон параванот зад кој гласала неговата сопруга, но бил опоменат од членовите на Избирачкиот одбор дека таму не смее да биде.
По ова се повлекол, но откако неговата сопруга излегла од зад параванот, тој и го зел гласачкото ливче од раката, го искинал и го изнел надвор од просторијата во која се гласало. Висината на изречената затворска казна од две години, еден месец и два дена е во согласност со Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.
Пред две години во велешкиот суд, на кавадарчанецот Деан Димитриевиќ му беше изречена затворска казна од три години, за кривичното дело, ,,спречување на избори и гласање,, оти на избирачко место ја искршил кутијата за гласање.
Tweet |