Петар Печков
Објавено: недела, 01 април 2012
Пред две недели Турција промовираше симбол на својата монета, кој потсетува на сидро, знак на успех и развој, што впрочем е и одлика на нејзината економија во изминатите 10 години, прокоментираа француски електронски медиуми.
Економскиот раст на Турција во 2011 изнесуваше 8 отсто, додека тој број за Европската унија не надмина 1,5 отсто.
БДП на Турција по глава на жител, од 8.255 долари колку што изнесуваше во 2003, порасна на 13.577 долари.
Стапката на невработеност во оваа земја минатата година се движеше околу 9,8 отсто, т.е. 2 отсто помалку од претходната година. Нејзиниот јавен долг минатата година изнесуваше 39,8 отсто од БДП, додека тој за ЕУ достигна вредност од 82,2 отсто.
За разлика од Кина и Јужна Кореја, Турција не беше во толкава мера погодена од американската криза, но последиците на должничката криза во еврозоната ќе имаат далеку поголемо влијание. Меѓутоа, француски економски аналитичари сметаат дека „Турција е брод кој се движи во полна брзина и треба многу време тој да запре“.
Анкара пред десет години 14 отсто извоз оствари во земји на Блискиот исток и Северна Африка, а денес е зголемен на 20 отсто. Губењето на извозниот пазар во Либија и Сирија, Турција го надомести со пренасочување на други дестинации како што се Тунис и Египет.
Обемот на размената на стока со Саудиска Арабија ветува, иако вистинскиот трговски „бум“ претставува соседен Ирак чии порачки од Турција минатата година се зголемени за 38 отсто. Сепак, овие нови пазари ниту по големина ниту по финансиските капацитети не можат да се мерат со европскиот, бидејќи треба уште многу време за да се избришат последиците од „арапската пролет“.
Минатата година Турција во ЕУ оствари 46 отсто од вкупниот извоз. Намален обем на извозот забележан е со Португалија и Словачка. Во презадолжената Грција, наспроти се, извезени се 7 отсто повеќе стока, а во Италија за цели 21 отсто.
Според предвидувањата, извозот на Турција во ЕУ во 2012 година ќе биде намален со оглед на прогнозата на стопанскиот раст на 27 членки на ЕУ, рамен на нула. Наспроти кризата, турската стока со среден квалитет добро се продава на европскиот пазар, посебно електрични апарати за домаќинство, или телевизорите марка „Беко“.
Турското стопанство има силен подем и на домашниот пазар со голем капацитет од 74,7 милиони жители, но тоа што секако мора да се промени е недоволната доверба на домашните инвеститори и на самите граѓани кои својата заштеда не сакаат да ја вложуваат во домашните банки.
Европските инвестиции во оваа земја претставуваат 75 отсто странски инвестиции, а САД и земјите од заливот по 6,1 отсто. Турската ориентираност кон Европа, барем кога е во прашање економијата, е повеќе од очигледна, што на Стариот континент секако може да оди во прилог, заклучија француските медиуми.
текстот е преземен од Танјуг - Белград
Tweet |