Петар Печков
Објавено: недела, 18 мај 2014
МАКЕДОНСКИ СПАСИТЕЛ учествуваше со четворица свои членови Зоран КИМОВ, Љупчо Хаџи Арсов, Сашко Климкаров и Драган Јорданов кои се приклучија како доброволци на јавниот повик од страна на граѓани на Куманово. Апелот беше упатен преку социјалните мрежи – Facebook, во петокот 16.05.2014 година во 20 часот.
За само еден час, членовите на Македонски спасител успеале да се организираат и подготват и да се упатат кон Србија. Од Македонија заминале два автобуси со вкупно околу стотина доброволци од Куманово, Скопје, Велес, Свети Николе, Валандово ... Двата автобуси со македонски волонтери биле упатени во Шабац.
Во Шабац имаше неколку критични локации од каде реката Сава можеше да се одлее од коритото и да поплави голем на фабрики, станбени објекти и куќи. Веднаш по пристигнувањето во 10 часот претпладне, македонските доброволци бевме распоредени на критичната точка веднаш до фабриката за производство на земјоделски ѓубрива и хемикалии ЗОРКА.
Заедно со припадниците на Армијата на Србија учествувавме во поставувањето за заштитен ѕид од вреќи полни со песок. Со армијата од доброволци успеавме да поставиме заштитен ѕид од во должина од неколку стотини метри и висина од околу еден метар. Временските услови со облачно, но суво време ни одеа во прилог.
Сепак, во текот на акција се појави друг проблем во дворот на самата фабрика. Се појавија огромни количества на подземни води кои избија на површината и зафатија значаен дел од магацинските простори, производствените погони, како и силосите полни со залихи на киселина која се употребува во производството. По оваа ситуација се повлековме од оваа точка и бевме распоредени на друга уште поризична локација.
Во околу 14 часот бевме упатени на градската плажа, во месноста СТАРИ ГРАД, односно стариот дел на градот Шабац. Нивото на реката Сава во овој дел од речното корито беше двојно поширок од нормалниот, односно ширината на реката изнесуваше 800 метри, а просечната ширина во текот на последните неколку години изнесувала околу 400 метри.
Со самото тоа и нивото реката Сава се издигна на 658 сантиметри (нормално нивото на реката е околу 500 сантиметри). Согласно проценките на кризниот штаб на Србија бранот на вода кој надоаѓаше од Босна и Херцеговина би требало да го зголеми нивото на максимални 685 сантиметри.
За таа цел беше донесена одлука да заштитниот ѕид се постави на висина од 730 сантиметри со што би се спречило било какво изненадување предизвикано од дополнителни обемни врнежи од дожд. Оваа акција беше изведена со многу поголем интензитет. Учествуваа огромен број на доброволци од Шабац. Практично целиот град беше излезен оваа локација од огромно значење за градот.
Граѓаните на Шабац беа пријатно изненадени од нашето присуство. Несебично ни го пренесоа нивното воодушевување и ни честитаа за нашата храброст и хуманост во учествување во акција за спасување на Шабац. Иако во паника и очигледна стресна ситуација, граѓаните на Шабац беа сложни и присебни и му помогнаа на градот кога тоа беше најпотребно – изјавија доброволците велешани од Здружението Македонски спасител.
Tweet |