речник контакт

Изгоре куќата на Калинови во Дворови

Голема материјална штета, две жени завршија во болница, изгореа галапчињата на соседот

Петар Печков

Во пожар кој доцна попладнево пламна во месноста Дворови изгоре до темел  куќата на Калинови. Две жени се пренесени во велешката Болница но се во стабилна здравствена состојба. Тие имале проблеми со дишењето, од густиот чад. Причинета е голема материјална штета оти не  остана ништо од куќата  во која живееја двајцата браќа Калинови, со нивните семејства и мајка им.

Оштетени се и две соседни куќи, но од водата со која е гаснат огнот.  Пожарникарите успееја да  спречат пожарот да ги зафати околните куќи. Огнот според соседите пламнал околу 18 часот  од горниот кат на куќата.

Пламените јазици се појавија од прозорот од собата каде живее старицата, на горниот кат.  Огнот бргу го зафати кровот а потоа и цела куќа. Се беше мошне бргу.  Прозорите почнаа да се кршат, керамидите пукаа, многу лоша слика. Пожарот за час ја фати цела куќа. Тука има баш бандера со струја, почна да искри. Се уплашивме. Викавме пожарна, дојде подоцна. Мораа колите од улицата кој тука се паркирани да ги отстрануваат за да може да дојдат до куќата – вели сосетка очевидец на пожарот. 

Друг сосед, кој живее позади нив се преплашил од пукањето кое се јавило од високата температура. Не знаел што може да биде, кога излегол надвор ја забележал во пламен куќата на соседите.  Од огнот кој целосно ја уништи покуќнината на Калинови, настрадаа и 60 галапчиња, кој биле живи изгорени од огнот а ги чувал соседот.

Најбргу што можевме дојдовме, веднаш по најавата за пожарот. Има густ сообраќај во овој дел на градот .Пожарникарите дадоа се до себе,  сторивме максимум да не се фатат и куќите што се лепенки до неа. Со брза интервенција во тесна улица, сторивме се за да го згасиме огнот. Луѓето кога се во паника, како што беше сега, секундите им се чинат вечност а екипите дојдоа за најмногу пет до осум  минути. Бидејќи улицата е тесна, големите цистерни носеа вода за дотур до малото возило кое беше пред куќата која гореше. Не дека  немаше вода, така се работи во вакви случаи поради специфичната местоположба – изјави Љупчо Лепидовски командир на ППЕ од Велес.

Екипите од СВР Велес испитуваат што било причината за големиот пожар, кој остави на улица две велешки семејства.   

Градоначалникот на Општина Велес, Чадиев  кој беше на местото на настанот, најави дека локалната власт на првата наредна седница ќе донесат итна одлука да се додели парична помош а подоцна и друга која ќе биде  според процените на комисијата за штети. Најави дека ќе ја платат киријата за наредниот период за двете  семејства, доколку нема каде да се сместат. Пред година и пол во близина на оваа куќа, исто така во месноста Дворови изгоре еден до бисерите на старата велешка архитектура, куќата на Габерови.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »