Петар Печков
Објавено: среда, 19 октомври 2016
Во Ликовниот салон во Велес беше отворена изложба на дела на три уметнички Шкипе Мехмети, Дита Старова- Керими и Зарие Амдиу. Таа е именувана ,,Вселената како обединувачка алузија,, на која се претставени дваесет и едно дело, 10 графики на Мехмети, десет цртежи во масло на платно Керими на и една уметничка инсталација на Амдиу. Истата изложба пред една година беше поставена во Њујорк – САД, по што летово ја видоа скопјани а сега започна нејзиното претставување и во внатрешноста од земјава.
Оваа изложба е дел од проектот ,,Кич, дали сте за или не,, кој десет години го работиме, со цел да публиката да и преставиме вистинска, права ликовна уметност. Сакаме изложби на релевантни автори поставени во Скопје, да ги пренесеме и преставиме во помалите градови во Македонија. Изложбата е на три реномирани уметнички, магистрирани на Академијата во Скопје, кои се излагани и во странство – изјави Нате Кецкаровска, организатор на изложбата. Овој проект ,,Кич, дали сте за или не,,продолжува и во наредната 2017 година. Изложбата е реализирана во соработка со Дирекцијата за култура и уметност на град Скопје.
Шкипе Мехмети, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје каде што и магистрирала на одделот графика. Од 2000 година, учествувала во повеќе од 50 групни изложби, а самостојно се претставила во: Њујорк, Нирнберг, Приштина, Висби, Берлин и Скопје.
Дита Старова-Керими дипломирала сликарство со графички дизајн и магистрирала на истиот факултет. Моментално е директор на Националната галерија на Македонија. Досега реализирала повеќе од дваесет самостојни и колективни изложби во САД, Франција, Турција, Косово, Бугарија и Македонија.
Зарие Амдиу дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Тетово, а магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на конзервација и реставрација, насока фреска. Работи во Националниот центар за конзервација во Скопје, како конзерватор за ѕидно сликарство и мозаик. Учествувала на повеќе од 50 групни изложби во Македонија, Албанија, Косово, Бугарија, Турција, САД.
Изложбата ќе биде претставена следните десетина дена.
Tweet |