Петар Печков
Објавено: среда, 24 декември 2014
Во Ликовниот салон во Велес, вчеравечер, вторник, беше отворена изложба на дела од членовите на Друштвото на ликовни уметници на Велес. На неа се изложени 18 дела од 16 автори од помладата генерација на ликовни уметници на ДЛУВ, создавани последните неколку години. ова е само втора изложба, прва по пет години на постоење на Ликовниот салон во Велес, на која се претставуваат членовите на ДЛУВ. Делата претставени на изложбата се работени во различни сликарски и графички техники, а има и две скулптури.
Делата се без било каква стилска и хронолошка поврзаност, што ја потврдува концепцијата која има за цел да ја промовира и презентира индивидуалниот ракопис на секој од авторите. Се забележува дека велешката ликовна сцена се збогатува со дела од квалитетни млади ликовни уметници сликари, графичари, вајари, кои одат во чекор со најновите светски ликовни достигнувања и се носители на новото експериментално, неконвенционално во уметноста. Така ја искажуваат својата творечка слобода имајќи што да покажат во новото време и ерата на нови технологии и медиуми- рече отворајќи ја изложбата Елица Николова директор на велешкиот Народен музеј.
Tweet |