Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 септември 2015
Патничкиот воз кој сообраќа напладне од Велес за Скопје не заминал. Стотината патници кои биле на Железничката станица во Велес останале без да отпатуваат до главниот град со воз иако имале месечни возни билети.
Повеќето биле ученици, студенти и вработени. Не било мало изненадувањето но и разочарувањето од овој чин на Македонски железници. Возот не бил на Железничката во терминот од 11,50 ч, а бидејќи е локал, кој претходно тргнува во 9 од железничка во Скопје, и се враќа подоцна, тој воопшто претпладнето и не сообраќал.
Кога стигнавме видовме дека воз нема. Без објаснување вработените ни кажаа само дека воз за Скопје нема да има. Не упатија да ги користиме следните кои се во 14,20 и во 15,22. Но ние дел од патници сме од 14 часот на работа, како да стигнеме на време. Имаше и ученици кои се во попладневна настава. Сите моравме да одиме со автобус и да плаќаме дополнително билет за Скопје иако на железница и плативме 2,5 илјади денари за месечниот - велат патниците .
Тие сметаат дека композицијата не заминала оти била искористена за превоз на мигранти до Гевгелија. Од Железничката во Велес потврдија дека возот не заминал оти утрото и не дошол до Велес, но бројот на патници не бил поголем од 50 лица. Причината според нив е што еден дел од машиновозачите се уште штрајкувале а лицето кое го управувало овој воз било токму од тој Синдикат.
Tweet |