Петар Печков
Објавено: петок, 27 септември 2013
Иако беше најавено дека своите мечеви од СЕХА -лигата ќе ги игра во Велес, а во салата „Гемиџии“ скопски Металург, во последен момент, се реши за салата Борис Трајковски. Иако започна и реконструкција на соблекувалните и шминкање на салата во Велес, Металург своите мечеви од Регионалната СЕХА -лига ќе ги игра во Скопје. „Борис Трајковски“ е местото каде што ќе се играат натпреварите, без разлика што на дел од нив повеќе од сигурно е дека салата ќе зјае празна.
Причината зошто нема да играме во Велес е техничка. Во овој момент во салата Гемиџии не може да се играат натпревари од овој ранг. Техничката комисија на СЕХА лигата донесе таква одлука, оти имало градежни зафати кои биле во тек и немало да бидат завршени во дадениот рок. Металург сепак најавува дека во Велес ќе одигра натпревар во некои од системот каде игра. Морам да заблагодарам на велешани кои даваат поддршка на нашата екипа, ние ќе им вратиме – изјави Левче Китевски директор на РК Металург.
Тој одрече дека причината е поради дополнителни трошоци , кои тие како клуб требало да ги покриваат за сместување на гостите оти натпреварите не се играле во Скопје. Металург нашол решение за термини за играње на натпреварите и на 5 октомври гостува Нексе, а четири дена подоцна и Партизан. До крајот на полусезоната Металург во „Борис Трајковски“ треба да одиграат вкупно пет меча.
Tweet |