Петар Печков
Објавено: четврток, 04 јули 2013
Екстерното годинава нема да биде пилот-проект, тоа ќе продолжи да биде законски проект кој почна оваа година. Во тој дел ќе нема никакви компромиси. Може да разговараме само за техничко подобрување и отстранување на многу мал број проблеми кои се појавија за да ги немаме догодина, изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски на иницијативата на Младинскиот образовен форум за собирање потписи екстерното тестирање годинава да биде пробно.
Ристовски рече дека ја почитува активноста на секоја невладина организација, но дека реакцијата на МОФ е задоцнета и во оваа фаза од процесот е без ефект.
- Екстерното го доведовме во завршна фаза. Прва година беше и уште на самиот почеток кажавме дека имаше минимални пропусти кои догодина ќе бидат отстранети. Петицијата во оваа фаза е непотребна зашто дополнително создава забуна. Ние вчера добивме иницијатва од МОФ за средба на која тие би сакале да ги презентираат нивните идеи за подобрување на екстерното. Мене ми е многу драго зашто никаде не велат дека е лошо и дека не треба да се спроведе, туку во дописот имаат иницијатива како да го коригираме за догодина. Јас сум отворен за соработка и разговор. Веројатно и ќе има средба на која ќе се разгледаат нивните предлози во насока на подобрување на екстерното, но нема да преговараме дали треба да биде пилот или не, додаде ресорниот министер.
Тој појасни дека од екстерното може да стои единица како оценка во свидетелството, за разлика од наставните предмети за кои законски во тој документ не се става негативна оценка.
- Оценката од екстерното е различна од оценката од наставната програма утврдена во законот. Тоа го кажавме и беше дискутирано уште во самиот процес на донесување на законот, рече Ристовски, кој присуствуваше на работилница „Развој на политиката за интелектуална сопственост на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Tweet |