Петар Печков
Објавено: петок, 11 ноември 2011
Хит комедијата која на репертоарот на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, се наоѓа без малку три години, во сабота вечер ќе биде прикажана по 50-ти пат. Претстава за која се бара карта повеќе и секогаш има голем интерес.
Во град од 45 илјади жители, да се одржи и игра претстава 50 пати тоа е мал подвиг. Целната група гледачи е ограничена, но и покрај тоа ние успеавме да играме три години. Современата актуелизација ги носи луѓето во публиката, и полни салата и тие се забавуваат. Дел од публиката доаѓаат да ја гледаат по неколку пати. И очекуваме дека ќе се игра уште долго и ќе биде најгледаната претстава на велешкиот театар – рече Јордан Витанов дел од актерската екипа и директор на театарот.
Морам да кажам дека сум била на многу театарски претстави кој се со страшна реклама ,,урнебесна комедија,, а на кои едвај три пати кисело ќе се насмеам. Ова а претстава е навистина урнебесна комедија. Претставата е како виното, колку е постара толку е подобра. Најтешки се премиерите, тогаш ние актерите за прв пат се сретнуваме со публиката и нејзината реакција. – вели актерката Зорица Панчиќ.
Последна претстава која долги години беше на репертоарот на ,,Џинот,, и се играше повеќе од 50 пати е,,Стрип Шекспир,, која иако три години од театарот ја најавуваат дека ќе се врати на сцената, тоа не се случува и се одлага за некоја следна пригода.
,,Мушички,, е ренесансна комедија напишана од Анџело Беолко Руцанте , чија премира беше на 13 февруари 2009-та година. Претставата е играна во Албанија, Хрватска, на фестивалот Скопско лето, на театарскиот фестивал во Виница, а ќе гостува на 15 и 22 ноември во Драмски театар во Скопје. Сите влезници ќе бидат пуштени во продажба, па дури и самите актери ќе ги платат.
Улоги : Зоран Љутков, Јордан Витанов , Зорица П. Панчиќ , Едмонд Сотир , Слободанка Чичевска, Кирил Гравчев и како музичари Јован Рибарски и Димитар Глушков. Режисер е Никола Ристов.
Tweet |