Петар Печков
Објавено: понеделник, 18 март 2013
На велешкото маало Мегдан и овој ден, прв по Прочка се одбележува Чист понеделник, ден со кој започнуваат Велигденските пости. Ова е традиција која ги собира мештаните, но и сите велешани кои сакаат да дојдат на гости, во овој дел на градот. Им се нуди на трпезата бел грав и добре дојде од домаќините. Ниту врнежливото и ветровито време не им попречи на мегданчани да се соберат и го добележат овој ден.
Од 90-тите години го добележуваме Чист понеделник. Го правеа нашите стари, имаше прекини, го обновивме во чест на нашата традиција. Со ова ги започнуваме Велигденските пости. Масовно се собираме, секој носи што има и го одбележуваме денот. Годинава сите сме домаќини, немаме кум – вели Ристо Ивчев Картушот, најпознатиот жител на Мегдан, кој може да се пофали што прв го фатил крстот во 1990-та по обновувањето на оваа традиција. На маста мезе, сезонска туршија, од разгласот музика за добро расположение.
Досега не се случило д се посрамотиме. Секогаш има доволно грав за гостите. Ако снемува, нема за нас, ама за сите што дошле мора да се најде. Годинава има 80 кг грав и се надевам дека ќе биде доволно. Ми остана мене обврската да го подотвувам гравчето. Нема рецепт, само да не биде мрсен – вели Тодор Иванов, кој со години по подготвува гравот.
Околу него е и внукот Тоше, кој вели дека учи за во иднина да го наследи дедо му. На дружењето имаше и гости, стари мегданчани, кои дојдоа до Скопје.
Доаѓам специјално за овој ден. Да се видам со старото друштво, да го вкусам белиот грав. Ова е една прекрасна традиција, убаво доживување, кое се надевам дека нема да згасне. Ова е најслаткиот ручек, поубав нема – вели Иван Тодоровски.
Tweet |