речник контакт

На плус 40 се подготуваат за минус 20

Велешкото семејство среде лето работи зимски волнени чорапи

Петар Печков

Во велешкото маало Дворови, семејството Мирчевски во сенката на дрвјата, во тремот од семејната куќа, целосно е посветено на изработка на плетени волнени чорапи. Тројцата од нив, Љубе неговата сопруга Иванка и мајка му Деница, секој со својата задача но заедно го работат ова неколку години. Се вратија и го оживеаја стариот занает. Обработуваат волна, предат и плетат, за да на крајот излезе волнен производ, зависно кој што бара. Најстарата баба Деница ја има задачата да ги плете чорапите.

- Ова сум го работела како дете, мајка ми и баба ми ме научија, јас сум од југот на Србија од  Власотинце каде има многу овци. Така што  дома кај моите ова беше секојдневие. Откако се омажив, дојдов тука немаше потреба и еве сега на стари години пак се активирам. Не е тешка работата, ја знам и со врзани очи да работам, да плетам – вели Деница која има 74 години. До неа секогаш има некоја од сосетките и муабетот тече а работата си врви. Не им пречат ниту високите температури, во градот под Вршник, каде е врело. Работата со волната е во полн ек, за да има наесен што повеќе производи да се продадат. Баба Деница плете и чорапи, елеци, калци, гети, појаси за половината, се што ќе се побара и има интерес. До неа е снаата Иванка. Наспроти стереотипот, дека снаата и свекрвата тешко се согласуваат, ова е редок пример на взаемна поврзаност, почитување, соработка. Иванка има друга задача.

- Јас сум задолжена да предам волната. Од неа правам конец, на фурка го мотам. Треба вештина, брзина, спретност. Тие ми се наследени од мајка ми. Од кадела, тоа е парче влачена волна, јас го создавам конецот. Од две кадели се создава еден пар чорапи. Имаме црн, бели и сиви производи. Црните се ретки и поскапи оти се од црна овца, сивите ги комбинираме бела со црна. Другите бои се преку фарбање, некој ако сака сам си ги носи таму – вели Иванка која откако ќе го спреде конецот, ги фаќа иглите и таа плете. Иако работат веќе три месеци досега имаат сплетено 50 пара чорапи. Работата е тешка, макотрпна. На овие високи температури тие работата со волна. Стануваат  од кревет уште рано во 4 часот за да по свежината сработат нешто и попладне после пет продолжуваат. Волната ја купуваат од сточари, почнуваат во април и ја обработуваат. Овој физичкиот дел е задача на Љубе. 

- Ја купуваме нечистана волната, штотуку истрижана. Потоа се пере, се става во лонец со топла вода да кисне, за нечистотијата да се отстрани. Следи сушење, на мрежа се спростира, за да се исцеди водата, па пак се пере со силен млаз. По ова е нај опипливиот дел, се вадат со рака боцки, трња од волната. За влачење ги носиме кај Круме Влачарот, тој е задолжен за оваа работа, ги земаме од него  каделите и повторно ние ја продолжуваме работата – вели Љубе Мирчевски. Волнените производи штитат од студ, снег, ги купуваат планинари, луѓе кои работата на отворено, градежници, железничари, болни од ревма. По порачка плетат ракотворби, ѕиври, долги гаќи, ракавици. Семејството Мирчевски сложно, пак се врати не стариот и заборавен занает, плетење на волнените производи. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »