Петар Печков
Објавено: недела, 18 март 2012
Во светот постојат неколку независни државички чии територии се помали и од некои белградски месни заедници.
Некои од нив можат да се поминат пешки за неколку часа, а тие „најголемите“ брзо ќе ги поминете со велосипед на еден или два дена.
Токму поради тој факт овие мини-државички се познати ширум светот и последните години, било поради својата историја или географска положба, станаа привлечни за туристички посети.
Најмалите држави во светот навистина имаат што да им понудат на љубопитните туристи. Во едни можете да се одмарате на совршени песочни плажи среде светските океани, во други можете да уживате во зимските спортови во идилично алпско опкружување.
Ватикан без конкуренција е најмала држава во светот, со само 770 жители и површина од само 0,4 квадратни километри. Сметајќи дека претставува симбол на моќ на Католичката црква, во него се наоѓа седиштето на Светата престолнина. Сместен е среде Рим, а поголемиот дел од неговата површина зазема еден од најпознатите и најпрекрасните плоштади во светот Плоштадот Свети Петар. Овој плоштад и комплекс на музеи сместени во Ватиканската палата, посветени на римокатоличките поглавари, годишно го посетуваат неколку милиони туристи и сврстени се во најголеми туристички атракции на италијанскиот главен град.
Монако според површината е само малку поголем од Ватикан. Ова мало кнежество, на југот на Франција на дел од Азурниот брег и во непосредна близина на Ница, е независна држава уште од 13 век. Судејќи според пријавените жители на Монако, на толку мал простор живеат 32.000 луѓе. Меѓутоа, многу од нив ги интересира државјанството само поради ослободување од даноци. Оваа мала држава во суштина го прави градот Монте Карло, синоним за луксуз и богатство, но и мека на коцкарите и љубителите на Формула 1. Во време на одржување на оваа трка, бројот на жителите на Монако повеќекратно се зголемува.
Науру е корален остров на југот на Тихиот Океан, со 30 километри долг брег кој го красат рајски песочни плажи орабени со високи планини. Оваа поранешна британска колонија има 10.000 жители, кои главно живеат од експлоатација на наслаги на фосфат на островот. Науру последните години се сврте кон туризмот. Инаку, куриозитет е дека оваа минијатурна држава нема главен град.
Тувалу е исто така островска држава, со површина од 26 квадратни километри и се простира на девет корални острови кои се наоѓаат во јужниот Пацифик, на половина пат меѓу Австралија и Хаваи. Островите се населени со околу 13.000 Полинезијци кои независност од британската круна стекнале во 1978 година.
И Сан Марино е во друштвото на најмалите држави во светот, но истовремено и најстари држави во Европа, која за својата независност се изборила уште во 4 век. Уставот на оваа земја со околу 30.000 жители е најстар и активен устав кој е усвоен во 1600 година.
Андора е мала република во источниот дел на Пиринеите, меѓу Франција и Шпанија. На површина од 465 квадратни километри живеат околу 20.000 жители. Оваа држава е карактеристична по тоа што ни ден денес нема пишани закони, туку правата и должностите на граѓаните се темелат на средновековните народни обичаи и преданија. Андора нема ни железнички, ни авионски сообраќај, а поврзаноста на патиштата е многу лоша. Од 1985 година Андора го зголеми бројот на полицајците од 8 на 16. Од неодамна оваа република има излез на море.
текстот е преземен од Данас - Белград
Tweet |