Петар Печков
Објавено: петок, 04 ноември 2016
Панко Брашнар останува погребан, но и идентификуван каде почива. Иако пред неколку години, според писмената документација, екипа на тв проектот ,,КОД,, дојде до место каде тој би можело да почива, на загрепските гробишта ,,Мирогој,, и по толку време ништо не е преземено за негова идентификација. За тоа говори писмената преписка со надлежните од Градските гробишта во Загреб.
,, Ве информираме дека со проверка низ службената документација, немаме примено барање за ексхумација на посмртните останки на покојниот Панко Брашнаров,,.
Ова е одговорот по електронска пошта, добиен од Жељка Буквиќ, референт за административно правни работи во Градските гробишта во Загреб, на прашањето дали некој досега побарал ексхумација на Панко.
Гробот според документацијата беше откриен во септември 2011-та а во април 2012-та тогашниот градоначалник на Велес Горан Петров заедно со тогашниот македонски амбасадор Данчо Марковски, го одбележа местото поставувајќи спомен плоча.
Во таа пригода Петров порача дека за да се вратат посмртните останки во родниот Велес, потребно е со ДНК анализа да се докаже дека тоа е Брашнаров. Подоцна Владата го задолжи Министерството за култура, да формира комисија и да почнат преговори со Хрватската Влада за ексхумација и пренос на посмртните останки на Брашнаров во Македонија. И по толку години ништо не се поместува.
Брашнаров заслужува значајно место во македонската историја, но жал не е рехабилитиран и државата ова прашање треба да го реши – рече Илија Василевски магистер по историски науки, од Музејот на Македонската борба за државна самостојност во Скопје и автор на изложбата посветена на Панко, при нејзиното неодамнешно отворање во Велес.
Панко Брашнаров народниот трибун и борец за социјални права, кај велешани е познат како ,,народниот учител,, целиот негов живот го посветил во борбата за човечки правдини. Тој бил социјалист, член на КПЈ и делегат на конгресот во Виена во 1926, член на првиот основачки конгрес на ВМРО- обединета.
За жал досега не се докажа дека Панко почива таму на Мирогој. Беше ветено дека ќе земат крв од нас, неговите потомци преку ДНК да се утврди дека таму се останките. Ама досега ништо од тоа, никој не побарал анализа. Запрена е и целата постапка за враќање во родниот Велес. Ја чекаме и рехабилитацијата, повеќе од тоа не треба и за нас и за Македонија – вели Милчо Брашнаров правнук на Панко.
При апсењето на Брашнаров во Кралска Југославија 1928-та година петиција за негово пуштање од затвор потпишале 68 светски интелектуалци, меѓу нив и Алберт Ајнштајн, Анри Барбис, Јакуп Хурвиц, Регина Рубен. Тој во 1950-ва во ФНР Југославија е уапсен поради неговата поддршка на Сталиновата резолуција, а следната година испратен на двегодишна ,,општествено полезна работа,, на Голо Оток, каде по неколку дена на 13 јули во мизерни услови, болен умира. Неговите потомци, правнуците од браќата ја објаснуваат големината на нивниот дедо.
Татко ми раскажуваше дека сите џебови на Панко биле сошиени, како да ги немал. Тоа за да не држи пари со себе, сите што ги имал ги давал. Потоа не сакал да се ожени, оти не сакал неговата фамилија да ги трпи последиците од револуционерната борба и ставовите кои ги имал – вели Елена Панова, правнука.
Неговите правнуци, но и велешани се во очекување, кога посмртните останки на ,,народниот учител,, Панко Брашнаров ќе се вратат во родниот Велес.
Tweet |