Петар Печков
Објавено: четврток, 21 февруари 2013
На денешното рочиште за убиството во селото Ореше, сведочеше внуката на убиениот старец, Соња Арсовска. Таа во нејзината изјава тврди дека Златко Арсовски или довчерашниот заштитен сведок ,,Бреза,, ја убедувал дека обвинетите се сторители. Тоа го повторил во два наврати.
Седевме со Златко и тој ме убедуваше дека браќата Георгиевски се сторителите. Ми велеше на јасенот среде село ќе се обеси . Ова ми го кажа сам, без јас да го прашувам или да барам од него некоја услуга. Потоа во друга пригода ми кажа дека седел со Љупчо и тогаш тој му најавил дека ќе биде апсен за убиството на дедо ми, па побарал воопшти да не зборува дека тие се виновни за нешто, дека се сторители, му кажал да молчи. Морам јавно да прашам што се случи со отисоците од чизми ,,планика,, кои командирот на ПС во Богомила ми ги кажа дека ги нашле од местото каде е пукано, зошто наеднаш тие исчезнаа, каде се. Или зошто се заборава дека кај Ордан има пронајдено позитивна парафинска ракавица од пукање, каде и што стрелал – изјави Соња Арсовска.
Ова нејзино сведочење наиде на бура од негодување кај обвинетите браќата Георгиевски, кои жестоко реагираа на овие зборови, нарекувајќи ги лага со цел тие да бидат прогласени за виновни. Го повикаа нејзиниот татко Ацо Милошевски, син на убиениот Лазо Милошевски да го каже убиецот оти тој го знаел.
Судењето продолжува со сведочење на вештите лица, психијатри кои треба да зборуваат за заштитениот сведок Златко Арсовски, кој даде две дијаметрално спротивни изјави. Една што ја зборуваше пет години дека обвинетите го сториле делото и последната, дека се што дотогаш што зборувал лажел. Бранителот на обвинетите, адвокат Давидовиќ по завршувањето на ова рочиште изјави дека процесот премногу долго трае и дека некои работи се изместени и повеќе ,,не се знае кој што зборува од сведоците,,.
Според обвинението Горе Петровски од САД се товари дека за 20 илјади долари го платил убиството над старецот Лазо Милошевски ( 73 год) на 2-ри декември 2005-тата во селото Ореше а како извршители за 20 илјади долари ги најмил браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски. Тие во два наврати беа осудени по 12 години а Апелација го враќаше предметот на ново судење.
Tweet |