Петар Печков
Објавено: понеделник, 07 септември 2015
Разбојникот кој се обиде да ограби менувачница во Трговскиот центар во Велес, е фатен откако тројца храбри велешани смело се пуштиле во трка по него. Настанот се случи понеделникот вечер во новиот дел на градот, во период кога бројни граѓани биле излезени на прошетка,а разбојникот во еден момент дури и пукал во воздух. Настанот предизвика вознемиреност кај велешани, кои во голем број ја следеа разврската. Дел од нив се сведоци на пукотниците, во кои за среќа нема повредени.
Беше 19,15 часот, кога слушнавме истрел. Мислевме со пријателката дека е некоја петарда. Но набргу од менувачницата излезе вооружен млад човек, со пушка во рака. Вработениот истрча по него и храбро се бореше да му ја одзеде пушката. Го потпре на оградата а тогаш разбојникот испука неколку куршуми во воздух. Среќа е што не беше ниско, оти од другата страна на улицата имаше доста луѓе, можеше да биде и фатално за некого - вели една од сосетките,која има бутик на истиот кат близу до менувачницата.
Откако разбојникот избегал и протрчал покрај неа, таа се уплашила и се сокрила во вц-ето, заедно со пријателката. Излегле по некое време кога состојбата се смирила. Затоа пак другите сведоци посочуваат дека тројца велешани ,му се спротивставиле на разбојникот и го фатиле. Тоа биле двајца полицајци,кои се неколку години во пензија . Стојанче Алексов, Ѓоко Ризински и со нив Мето Димов го совладале бегалецот.
Седев од спротивната страна на улицата, слушнав пукање на терасата, на ходникот. Се бореа повеќе лица и од пушката отвори оган.Разбојникот се отргна од продавачот и почна да бега по ходникот. Јас се стрчав да го пречекам на излезот, дојде право пред мене, немаше кај да бега. Го фативме - вели Ангелов, кој шест години е во пензија а 33 години бил полицаец. Додава дека разбојникот бил млад, но со слаба физичка конституција и не давал отпор кога бил фатен.
Бев од горната страна на Трговски, видов дека име метеж, дека народот бега, слушнав истрели. Тргнав инстинктивно, кога видов дека едно лице бега. Се симнав долу и беше пред мене. Се фрлив кон него и заедно со другите двајца го совладавме - додава Ризински. Од СВР Велес информираа дека лицето кое се обидело да ја ограби менувачницата е фатено.
Во менувачница влегло вооружено лице, со автоматско оружје и со закана кон вработениот, побарал да му ги даде парите. Вработениот се спротивставил започнал борба со него, по што сторителот испукал два куршуми кои завршиле во ѕидот од просторијата. Борбата продолжила и надвор од просторијата, при што оружјето и ранецот, кој ги носел разбојникот, паднале на плочникот од долниот кат на Трговскиот. Сторителот почнал да бега, но бил фатен од граѓани и полициски службеници, кои не биле на работа - изјави Анита Стојковска портпарол на СВР Велес.
Осомничениот е идентификуван во Полициската станица Велес, не се соопштува неговиот идентитет, само дека е во бегство од Затворот во Штип, каде се наоѓал на издржување на казна затвор до 10 години, заради разбојништво.
Откриената пушка треба да расчисти дилемите, дали од истото оружје и истиот сторител е извршен вооружен грабеж на бензинска пумпа во Велес, пред три дена, при што и тогаш беше пукано во просторијата, во компјутерот и беа одземени 40 илјади денари.
Tweet |