Петар Печков
Објавено: сабота, 15 јуни 2013
Општина Велес побара од сопствениците на објектите да ги отстранат од околината на езерото Младост. Сите тие што се лоцирани во шумата околу езерото, имаат рок од еден месец да ги дислоцираат. Општината ова го прави оти просторот ќе се продава за авто -камп населба.
Таа најавува уредување на околината на Езерото Младост со една цел, да го направи погодна и препознатлива туристичка дестинација. Затоа од локалната власт објаснуваат дека потребно е отстранување на објектите кои граѓаните ги имаат поставено без дозвола на диво и никаде не се евидентирани.
Во тек е постапка по барањето на Општина Велес до Агенцијата за развој на туризмот за авто- камп на Езерото Младост, заради негово туристички уредување и тоа да биде цел на што поголем број на туристи. Имајќи ги предвид овие намери, просторот во кој во моментов се сместени приколките потребно е да се ослободи и расчисти од сите градежни зафати што се бесправно изградени. Потребно е отстранување на цврстите делови и останата опрема, тенди, огради, монтажни материјали, кои реално не создаваат пријатна слика за целокупниот простор. Создавањето и регулирањето на Авто -камп на езерото Младост ќе придонесе за надминување и подобрување на целокупната состојба. Тие простори ќе бидат уредени со санитарни јазли, со соодветни простори за плажи, паркови, како и урбана опрема– изјавија од општина Велес.
За да дојде до ова потребно е расчистување и уредување на просторот. Затоа локалната власт од сопствениците на објектите бара соработка и трпение, почитување на одлуките и законските одредби за целата постапка да се спроведе брзо и ефикасно во интерес на граѓаните кои го користат езерото за спорт и забава. Сопствениците на објектите се лути. Тие се револтирани и вознемирени од ваквата одлука. Најавуваат граѓанска непослушност.
Барем да не оставеа летово да го миневме тука. Каде ќе одиме со камповите, тие не смееме да ги оставаме во градот. Со комуналниот ред тоа е забрането. Ќе плаќаме колку треба ама да ги оставиме тука. Ако не бркаат тогаш ќе ги оставиме пред општина – велат камперите.
Оваа населба која постои десетина години, нема вода, канализација, струја. Сопствениците нивните објекти ги поставуваа без одобрение и по сопствена волја. Претходно беа отстранети приколките од плажата покрај езерото оти истите ќе се изнајмуваат. Минатиот месец беа понудени за продажба плацови на езерото за кои се предвидува изградба на хотели и мотели, во делот кај бродот Панини па се до мостот кај браната.
Tweet |