Петар Печков
Објавено: вторник, 31 октомври 2017
Во Основен суд во Велес е отворена пред стечајна постапка за ,,Фени индустри,,од Кавадарци. Тоа е сторено по барање на повеќе доверители, неколку банки ,,Комерцијална банка,, АД Скопје, ,,Стопанска банка,, АД Скопје и ,,Силк роуд банка,, АД Скопје кои според одредени пресметки им побаруваат околу 40 милиони евра. За времен стечаен управник е назначен Мирослав Атанасиевски од Гостивар.
Постапувајќи по предлог на овластен предлагач -доверител, со решение на Основен суд Велес на ден 31.10.2017 година поведена е претходна постапка над должникот Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ,,ФЕНИ ИНДУСТРИ,, АД Кавадарци – стои во писмената информација од Основен суд Велес. Веќе е закажано и рочиште за испитување на условите за отворање на стечајна постапка за 13 ноември годинава во 12 ч.
Во текот на претходната постапка од страна на судот се определени мерки на обезбедување согласно одредбите од Законот за стечај и тоа, именуван е привремен стечаен управник, одредена е општа забрана за располагање со имотот на должникот, забрането е одредување или спроведување на присилно извршување или обезбедување против должникот и забранети се исплати од сметката на должникот.
Во „Фени Индустри “ има вработено околу 800 лица. Синдикатот најавува штрајк и не се согласни со стечајната постапка. Контролата од државните институции во „Фени Индустри“ покажала дека има низа пропусти во работењето на компанијата, па дури и дека не поднела завршна годишна сметка. Сето ова ќе биде предмет на истрага на македонските власти, а се најавува дека ќе се покренат и постапки за сите злоупотреби кои евентуално биле сторени. Директорот на Комерцијална банка АД Скопје, Хари Костов вели дека желба на доверителите е фабриката да опстане, не` да се затвори.
Поентата на постапката што ја почнаа вчера банките и денеска со поднесување на официјалното барање, не е „Фени“ да згасне и да престане да работи, туку напротив низ законска постапка, единствена можна да се реорганизира, ревитализира, преструктуира комбинатот и да продолжи со работење особено во период кога цената на фероникелот е релативно поволна. Потенцира дека има заинтересирано инвеститори и дека овој процес на отворање стечајна постапка ќе доведе до тоа кој инвеститор е финансиски најсилен да го добие. Има инвеститори кои само на хартија може да кажат дека се заинтересирани, а ја немаат финансиската сила, а има и инвеститори кои ја имаат финансиската сила. Овој процес на отворање на стечајната постапка ќе доведе до тоа да таквите инвеститори се легитимираат пред стечајниот управник со финансиски средства и тој кој ќе се покаже како најсилен тој ќе ја добие- рече Костов.
Бизнис заедницата со поддршка за опстанок на Фени Индустри. Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески со јавна поддршка индустриските капацитетите и извозниците да опстанат на пазарот и да се поддржат во моменти кога имаат проблеми.
Секоја варијанта со која ќе продолжи економската активност на Фени ќе биде поддржана од нашата страна. Меѓутоа мора да водиме сметка дека живееме во услови на пазарно стопанство и тој е странски инвеститор во Република Македонија, а и банкарскиот сектор е приватен и сите тие елементи треба да се имаат предвид, како и желбата на Владата да помогне во тоа. Фени е значаен економски субјект и во извозната активност, но и како регионален економски субјект надвор од Скопје и ќе биде многу голема штета ако пропадне изјави Азески.
Tweet |