Петар Печков
Објавено: сабота, 30 јули 2011
Во најголемиот центар за трансплантација во Романија, во болницата „Фундеми“ во Букурешт, според пишувањето на весникот, потенцијални донатори чекаат во ходници на заинтересирани „купувачи“, а тоа персоналот го толерира.
Лицата кои се подготвени да продадат свои органи, како што додава весникот, претежно се Роми, а цената за еден бубрег е од 10.000 до 15.000 евра, а за половина слезина околу 13.000 евра.
Две новинарки, на црниот пазар преговарале за купување на човечки органи за „болна тетка“.
Во јужниот регион на Романија, Бузау, новинарките преку оглас дошле до еден 39 годишен човек, кој нуди свој бубрег и едно белодробно крило на продажба.
Во разговорот тие се договориле за цена од 15.000 евра за бубрег и 40.000 евра за белодробно крило. Со тие пари мажот кој ги нудел своите органи, сака да излечи повреда на вилицата која ја здобил во една несреќа и за изградба на една дополнителна соба за своето шест члено семејство.
Овој маж со понудата за продажба на своите органи ризикува затворска казна од три до десет години, како што предвидува законот.
На трошоците за органите се додаваат трошоците за поткуп на персоналот во болницата во која ќе се изврши операцијата, како и легалните трошоци за лечење. Инаку листите за продажба на органи ги водат лекари и болничарки, додава весникот.
Едно 34 годишно лице наведе дека минатата година го продал својот десен бубрег за 14.500 евра и дека сега нуди на продажба органи на својата сопруга и братот.
За да ја заобиколи легалната листа на чекање на органи, едно лице кое на тој начин доспеало до органи, според пишувањето на „Адеварук“, минатата година во букурештанскиот центар за трансплантација платил на „професорот 500 евра, на анестезиологот 200 и на болничарките по 100 евра“ поткуп.
Директорот на центарот за трансплантација на бубрези „Фундеми“, Лоанел Синеску ги отфрли сите обвиненија.
„Тоа е невозможно. Ако фатат некого во болницата дека се бави со тоа, тој мора да одговара пред законот“, рече тој.
И претседателот на Националната агенција за трансплантација Виктор Зота не верува во натписот на весникот.
Тој не верува „во такви работи, бидејќи 40 до 50 луѓе од болничари па се до хирурзи мора да бидат вклучени во тоа“.
Зота рече дека речиси е невозможно, според принцип на случаен пример да се избере орган, тој мора да ги помине сите 17 тестови пред да се спроведе трансплантација, вклучувајќи и проверка од етичка комисија.
„Никој не е толку глупав да ја загрози својата кариера и слобода“, верува тој
превземено од Адеварук - Букурешт
Tweet |