Петар Печков
Објавено: вторник, 12 септември 2017
Советот на Општина Велес едногласно ја прифати донацијата од специјализирани десет пластични зелени контејнери од 1,5 m3, тип-игло, садови за собирање и складирање на отпадно стакло.
Тоа е донација од Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување „Пакомак“ ДОО-Скопје каде член на УО е Горанчо Лазов- директор на велешка Маслодајна. По склучувањето на договорот донацијата ќе биде дадена на користење на ЈКП „Дервен“ Велес за исполнување на обврските и организирање на системот за управување на отпадот од пакување кој претставува комунален отпад.
Овие 10 контејнери ќе бидат поставени на фреквенции каде надлежните ќе согледаат дека може да се остава отпадно стакло. Донацијата е со вредност од 214.760,00 ден. со вклучен ДДВ.
Со донацијата на специјализираните садови за собирање и складирање на отпадно стакло ќе се воведе собирање на нова фракција во општината, која досега завршуваше во измешаниот комунален отпад и ќе се воспостави систем за нејзина повторна употреба. Понатамошниот корисник на донацијата ќе биде ЈКП „Дервен“ со што ќе се овозможи употреба и одржување на садовите од страна на овластен оператор за постапување со отпад од пакување на територијата на Општина Велес - велат од локалната власт.
Општина Велес досега има воспоставено систем на одделно собирање на отпад од пакување и тоа: ПЕТ амбалажа и картонска амбалажа, како и одделно собирање на габаритен, електричен и електронски отпад, отпадни батерии и тонери.
ПАКОМАК ДОО Скопје како овластено правно лице за постапување со отпад од пакување кој поседува дозвола за вршење на дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, основано од производители со цел за исполнување на обврските од Законот за управување со пакување и отпад од пакување неколку години соработува и го помага развојот на системот за управување со отпад од пакување кој претставува комунален отпад на територијата на Општина Велес.
ПАКОМАК ДОО Скопје е непрофитна организација која добивката преку различни форми ја распределува по општините. Тие изминатите три години донираа различни употербни вредности на општинските власти.
Tweet |