Петар Печков
Објавено: среда, 18 септември 2013
Забрзано се работи во паркот кај Ликовниот салон во Велес , каде преку турска донација се уредува просторот. Таму ќе биде поставена биста на турскиот државник Кемал Ататурк а просторот ќе биде Парк на пријателството. На оваа локација пред една година беа спомен бистите на народните херои од Велес.
Тие се отстранија, во договор со Сојузот на борците за заедно со останатите бисти од другите јавни површини во градот, се најдат на едно место, пред Спомен Костурницата. И додека во скоро време ќе биде откриен споменик на таткото на модерна Турција, бистите на борците од НОБ се уште се во депо и чекаат други времиња за да бидат јавно поставени.
Иако уште пред една година спомен бистите на паднатите борци од Велес се кренаа за да бидат зачувани и заштитени од кражби, нив ги нема на просторот каде се договоривме да бидат поставени пред Спомен Костурницата. Со програмата беше предвидено ова да се случи годинава, но засега нема најави. И додека спомен паркот на Ататурк е без малку готов, нашите борци ги нема – се чуди првиот човек на Сојузот на Борците од Велес Саздо Кицевски.
Новиот парк во Велес се уредува преку донација на братските турската општина Каршијака. Тие повеќе од година дена чекале Турската Влада да го одобри проектот и кон средината на јули започнаа градежните работи. Рок на изведба е 70 работни дена а вреден е 118 илјади турски лири, околу 45 илјади евра. Јавноста во градот пак е револтирана што на местото од македонските херои, се поставува биста на туѓ херој. За ова јавно реагираше внуката на Народниот херој Димче Мирчев, која преку писмо се обрати до јавноста.
Погледот на постаментот на бистата на херојот Димче Мирчев фрлен во плевелот од страна на институциите на Велес во 2013 година ми направи болна асоцијација на една друга слика. Слика на телото на убиениот херој Димче Мирчев фрлено во калта на кавадаречките улици, што било дело на бугарскиот окупатор за да се заплаши македонскиот народ и да се понижи херојот. Фотографијата која е направена во 1944 година – напиша во писмото д-р Стојанка Мирчева внука на народниот херој Димче Мирчев.
По серијата кражби и уништувања на бистите на велешките борци, минатата година во договор со Сојузот на Борците, нив локалната власт ги отстрани, за да се постават во идната новоформирана Алеја на великаните, пред Спомен Костурницата. Таму почиваат сите паднати борци од Велес и велешко во НОБ. Но и по толку време од оваа идеја нема ништо, остана само ветување.
Локацијата на алејата на великаните е утврдена од страна на ОО на СЗБ од НОВ. Уредувањето на алејата ќе биде во 2014 година по изготвувањето на целокупната проектна документација за таа намена. До тогаш ќе се распише тендер за изработка на бистите што се оштетени и за дел од постаментите и согласно расположливите средства за 2013 година дел од нив ќе се поправат уште оваа година –изјавија од Општина Велес.
Според првичните најави за возврат општина Велес требаше да гради исто така Парк на пријателство во некоја од збратимените општини во Турција, и да подигне споменик. Од ова досега нема ништо.
Tweet |