Петар Печков
Објавено: петок, 13 февруари 2015
Два дена откако почина, на 11-ти февруари по пошта семејството Димовски прими документ од Фондот на здравство со кое се одобрува лекување на нивната тогаш веќе почината ќерка Тамара, во странство. Одлуката дека девојчето, кое имаше вродено искривување на рбетниот столб, може да се лекува во некоја од клиниките во друга држава била донесена на 6-ти февруари. Ова ги растревожи тажните родители, чија болка по изгубената ќерка немерлива.
Добивме разочарувачко писмо, и тоа две дена откако Тамара почина. Административно го испратиле иако знаеја дека е веќе почината. Што сакаа да ни кажат, дека мислеле на нас? И што да правам јас со таа одлука. Да ја однесам на гроб? Ниту ни е полесно сега, напротив потешко. Си играат со човечки судбини - вели мајката на Тамара, Жаклина Димовска.
Министерот за здравство Тодоров уште на 20 ноември најави дека Тамара ќе се лекува во странство и дека средствата се одобрени. Но парчето хартија, со која ова се потврдува стигна по три месеци, предоцна. Жаклина поставува ново прашање до надлежните, за што абра одговор.
Тамара беше на преглед кај доктор од Турција на 20 декември. Тоа се случи на Одделението за трауматологија и ортопедија. Што тој констатира, што тој препорача, не дознавме. Неговото мислење остана тајна. Каде се затури кој го има, за нас како семејство на пациентот е непознато- прашува Жаклина.
Во меѓувреме продолжуваат да се презентираат документи кои покажуваат дека надлежните заглавиле во бирократскиот лавиринт. Хелсиншкиот комитет презентираше документи за итност на случајот за лекување на Тамара, иако два дена претходно директорката на Фондот на здравство нудеше документи каде докторите констатирале дека заболувањето е тешко, но нема итност во лекувањето.
Проф. д-р Аспазија Софијанова чиј потпис стои дека не се искористени можностите за лекување на Тамара во Македонија па не може да оди во странство, иако тогаш немало Спинален центар, тврдеше дека таа не се согласувала со ова мислење, но го потпишала оти така мислеле повеќето колеги. Мајката на Тамара побара одговор од д- Софијанова и за тоа, кој ,,одозгора,, и сугерирал да не се пушти Тамара на лекување во странство.
Tweet |