Петар Печков
Објавено: вторник, 26 јули 2016
Пливачката Анастасија Богдановски ќе го носи македонското знаме на отворањето на Олимпијадата во Рио во Бразил. Ова е одлука на Македонскиот Олимписки комитет, кој одлучи Ана да ја предводи малобројната македонска екипа, на светски познатиот стадион Маракана.
Таа е затечена од оваа одлука, но и импресионирана, што ќе го носи македонското знаме. Анастасија е родена во САД а по мајка е велешанка.
Кога дознав дека јас ќе бидам носителот на македонското знаме, бев премногу радосна. Искрено трпки ми минаа низ телото. Не можам да опишам колку сум горда, што МОК и мојата земја ме избраа мене за знаменосецот. Да бидам прва во македонската делегација, кога ќе влезе на стадионот во Рио е огромна чест. Многу сум благодарна на МОК за нивната поддршка и голема доверба – порача Богдановски.
Таа ќе пливаа на 200 метри слободно на 8-ми август во Олимпискиот Аквастик стадион. Ветува дека ќе плива најдобро, за да постигне нејзин најдобар резултат. Богдановски ги стави во мирување студиите на медицина една година, и се посвети на подготовките за Олимпијадата.
Македонската селекција на Олимпијадата во Рио брои шест спортисти, освен Богдановски, ќе се натпреваруваат пливачот Марко Блажевски, атлетичарите Ристе Пандев и Дрита Исљами, стрелачката Нина Балабан и џудистката Катерина Николовска.
Богдановски е втора велешанка која ќе настапи на Олимпијада. Во Лондон, учествуваше атлетичарот Кристијан Ефремов.
Tweet |