Петар Печков
Објавено: вторник, 01 септември 2015
Во текот на вчерашниот ден голем пожар го зафати реонот на селата Стари Град, Бусилци и Ново село велешко. Изгорена е површина од 50-тина хектари, но среќна околност е што е со сува трева. Огнот пламнал во два наврати па пожарникарите гаснеле од 10 до 12,30 и од 13 до 19 часот.
Пламените јазици и се заканиле на железничката пруга Велес - Прилеп, на делницата кај Стари Град поради што морал да интервенира и против пожарниот воз. Поради огнот железничкиот сообраќај на релацијата Велес - Прилеп во попладневните и вечерни часови се одвивал отежнато, со намалена брзина и доцнење.
Имаме сериозни сомнежи дека пожарот е подметнат, бидејќи нашите екипи го ликвидираа на пладне,за да по половина час, огнот се појави во близина на нова површина. Ветерот кој дуваше создаваше проблеми во локализирањето. Освен наши екипи, имаше и од Македонски железници, кои ја спасуваа пругата - изјави Љупчо Лепидовски командир на ППЕ од Велес.
Tweet |