Петар Печков
Објавено: вторник, 27 мај 2014
Ден по поројниот дожд, животот во Велес се врати во секојдневието. Вакви обилни врнежи се случуваат во градот најмалку еднаш годишно и сликата со години се повторува. Поплавени улици, подруми, домови, наноси на земја, оштетени дрвја.
Така беше и во понеделникот попладне, кога поројниот дожд кој паѓаше 45 минути од 15,30 до 16,15 пак го парализира градот, предизвика застој во сообраќајот, одделни делови беа без струја, поплавени простории. Затоа пак врнежи од град со големина на грашок го уништил родот во селото Караслари и во месноста Пресвета.
Поради конфигурацијата на теренот, Велес е ридесто постаен, обилните врнежи предизвикаа порои кои придонесоа улиците да бидат под силна буица од вода, која носеше се пред себе. Болнички дол, улиците Св. Кирил и Методиј и Св. Прохор Пчињски кои водат од двете цркви кон долниот дел на градот, поплавиле дел од домовите кои се близу нив. Сепак најкритично било во месноста Потокот, каде Дервенската вода освен што носела се пред себе, донела и многу земја.
Оваа слика често ни се повторува, секоја година, при пороен дожд. Надоаѓа потокот и носи се пред себе. Ги поплавува подрумите и приземните простории. Еве овој рид од земја е од водата која се слева од високите делови – велат жителите на оваа велешка населба.
Поради тоа што често се повторува оваа слика, сопствениците на куќата чиј влез е затрупан, решиле да ја продаваат, кога не можат нормално да живеат во неа. Подземниот премин кај салата Гемиџии беше полн со вода до горе, во висина од 5 метри. Последиците од поројот надлежните ги санираат од попладневните часови и во вторникот.
Механизацијата на ЈКП Дервен веднаш пристапи кон расчистување на наосите од главните градски улици. Се сечат и отстрануваат дрвјата кои силниот ветер ги оштети. Останува да се исчисти наносот во месноста Потокот кој е од поголеми размери – велат до ЈКП Дервен.
Во текот на вчерашниот ден (вторник) до надлежните институции биле пријавени случаи на паѓање на дрвја, поплавени индивидуални куќи, дуќани и подрумски простории, прекин на напојувањето со електрична енергија на одредени делови од градот и други предизвикани штети. Во селото Караслари врнежи од град, со големина на грашок го уништија целокупниот род на градинарски култури. Така на вчерашниот вторничен пазарен ден немаше земјоделци од ова село, тие ја пресметуваа штетата. Слично беше и со месноста Пресвета од уливот на Тополка во Вардар до вливот ан Бабуна во Вардар.
Се се уништи, домат, пиперка. Пченката таман порасна и фрли кочани ја утепа. Старите рекле од Велигден до Спасовден секој четврток не се работи. Ние не слушаме и еве казната стаса. Сега ни за леб нема да извадиме – вели земјоделец од овој дел на велешко. Од локалната власт велат дека екипите за проценка на штетите се на терен, по што ќе се знае колкави се тие.
Tweet |