Петар Печков
Објавено: понеделник, 16 март 2015
Куќите од месноста ,,Кај Варналиите,, во Велес до крајот на годината ќе добијат нови фасади, а сопствениците се во дилема на што ќе бидат поставени фасадите оти дел од нив имаат сериозни оштетувања. Едната е веќе пред уривање, втората сериозно оштетена, другите две се во добра состојба. Куќите се со нови фасади неполни 12 години а изградени се во 1868-тата година.
Што ако однадвор се уредат, кога однатре некои се во лоша состојба. Убава е идејата ама не верувам дека нешто ќе смени и ќе се заштитат куќите. Оваа куќа што е до мојата и е првата во овој комплекс е пред рушење. Погледнете како изгледа од задната страна. Напред може и нешто личи, ако се изземат прозорите кои навестуваат дека куќата е во очајна состојба. Стравувам дека еден ден ќе се сруши и ќе ја оштети мојата. Ова е како шминка, некоја стара баба може да се дотера на лице, ама не може здравјето да и се даде. Таа е сопственост на касапи, прадедото, дедото сите биле касапи, заклучно до мене. Бидејќи е под заштита на државата не можам шајка да ставам без дозвола. Во два обиди, писмено се обратив до државата да ја откупат, но не одговорија. Така се обидувам сам со сопругата некако да ја одржувам - вели Лазо Тренчев.
При прошетката низ неговиот дом може да се види дека куќата е двокатна, со голема тераса од која се пружа прекрасен поглед на другата страна на Велес. Или како што велешани велат ,,од спротива,, Внатре има миндери, долапи, а на едната соба на таванот прекрасна розета. Има вкупно шест соби.
Неговата куќа,заедно со останатите од улица Јован Алабакот се под заштита на државата со решение бр. 0418/1 од 21.01.1964, заведено под број ЦР 869. Уште во претходниот систем и држава во еден момент им било понудено да им се откупат куќите, да им се доделат станови, на што се сопствениците се согласиле. Но вториот дел, откупот никако не се извршил. Во најлоша состојба е куќата на Прнарови. Три години откако сопственикот починал, куќата исто толку време е останала празна,искршени прозори, конструкцијата попушта.
Прашање е на ден кога ќе ја снема. Еве мојата уште пред 15 години најавија реконструкција на куќите, набавив талпи, специјално од планина ми ги донесоа. Еве ги уште во дворот. Мина толку време ништо не се случи. Пред 12 години исто така фасадите ги средуваа, ама не ги сменија дрвените прозори. Тогаш го сменија кровот, ама само керамиди поставија, под нив нема ништо и водата се слева по куќите. Кога бевме моќни, можевме да ја обновиме, сега гледате во каква состојба е куќата - вели Лазо Паунов.
Покажува како на одделни места дрвенаријата попушта, се крши или навалува. Заѕидал неколку од прозорите, од осумте кои биле во една соба, бидејќи ветерот влегувал внатре. Сите сопственици на четирите куќи, на Прнарови, Тренчови, Чокалови и Паунови, се со исто мислење и дилема, ,,зошто се зборува за пет објекти, а на улицата се четири куќи,,.
Неодамна Министерството за култура најави дека до крајот на годинава ќе се ,,реализираат санациско-реставраторски активности на фасадите на пет објекти на улица „Јован Алабаков“ кои се дел од автентичната споменична целина со традиционални белези на велешката архитектура од XIX век,,. Тоа е во рамките на проектот за зачувување на фасадите на објекти од старата градска архитектура,.
Tweet |