Петар Печков
Објавено: сабота, 13 август 2016
На местото каде е куќата на Шукара, денес Весови се наоѓала првата книжарница во Велес. Била основана пред сто години, од Лазар Смилев во далечната 1916-та година. На работата на оваа книжарница присетува неговиот син, Никифор Смилев. Иако тој како новинар ги откри животните приказни за создавањето на песните, дека „Елено ќерко, Елено“ е песна за богатата Елена Кртчева, „Во влашкото маало“ е за големата и неостварена љубов на Нике Цибрева, песната „На Којник дуќан да имам“ ја испеале младите аргатки за продавницата на Нато Кралот или пак „Се посврши сербез Донка“ е за големата забранета љубов на Донка Јаричкова со Миле Ивчев, оваа за неговиот татко, сега прв пат ја раскажува.
Според моите податоци и раскажувањата на татко ми, книжарницата била отворена во 1916-та година. Се наоѓала во центарот на градот, под денешното кино, каде сега е куќата на Весови, тогаш во куќата на Шукарови. Немала име, само книжарница Лазара Смилевиќ, на српски, така било тогаш времето – раскажува Никифор.
По ослободувањето се префрлила стотина метри погоре во куќата на Р`жарови. Во прво време во неа се продавале школски материјал, тетратки, моливи, перодршки, мастило, потоа печати и штембили. Во тоа време Лазо бил единствен кој ги произведувал овие работи, потребни за велешките газди. Како оставина на семејството Смилевски, денес се наоѓаат десетина картички кои ја сведочат преписката со сопствениците на повеќе весници од тогашното Кралство на СХС, а со кои издавачите се договарале за продажбата.
Истите биле и дел од коресподенцијата на тоа што се продало и останувало непродадено. Интересно е што на картичките, издавачите Лазар го именуваат како новинар.
Ако се анализираат овие картички може да се види дека сите примероци кои стигнувале се продавале. Може да се прочита дека дошле 250 примероци, вратени нула, за друг временски период, друг месец, стигнати 400 вратени нула. Што ќе рече дека велешани сакале да читаат весници. Доаѓал и француски часопис. И тој се читал. Татко ми раскажуваше дека Панко Брашнар бил негов редовен читател. Тој не сакал да се ожени за неговото семејство да не трпи поради неговите ставови кон политиката. Срескиот полициски началник пак се чудел што толку весници читале велешани – додава Никифор.
Весниците доаѓале со возот од Белград, од Загреб, татко му ги подигнувал од Железничка станица, ва веднаш во книжарница за да можат велешани да разберат што има ново во државата и светот. Никифор се сеќава дека имале книги за Индијанците и каубојците, кои биле негови први почитани книги, откако ги научил буквите. Не биле стрипови, туку мали книжурки, полни со интересни приказни за војувањето помеѓу двете завојувани страни. Имало весници од Белград, Сараево. Највешт во продавањето на весници бил извесен Спасе, кој толку добро ги рекламирал, што уште рано наутро тие се продавале.
Во книжарницата имаше и грамофонски плочи и грамофони. Ги носеше татко ми плочите од Белград и Загреб а грамофоните од Германија. Велешани сакаа да слушаат плочи а грамофоните беа на навивање. Било престиж да се има грамофон а граѓанската класа на трговци и газди во градот сакала да има вакви апарати дома – објаснува Смилевски. Најчеста мака била што по купувањето на мастилото, поради неупотреба тоа ќе се згрутчело и перодршката не била корисна, не можело д се пишува, па велешани доаѓале да барат совет, зошто не можат да пишуваат. Лазар ќе заминел во задниот дел од книжарницата, ќе додадел вода ќе промешал и мастилото ќе се растворело и пак било употребливо а сопствениците задоволни заминувале. За оваа ,,голема тајна,, Лазар не наплатувал. Освен што продавал книги, Смилевски имале и печатница.
Татко ми ја купил во 1928-та, откако полицијата тогаш во Велес ја открила илегална печатница на КПЈ, била запленета и ставена на оглас продажба. Тој за купил. Најмногу од се печател некролози, или велешани како што ги викаат плакати, со кој се соопштувала смртта на некој близок – вели Никифор. Книжарницата била затворена во 1948- година, со указ на тогашната Влада. Дошле двајца инспектори за да направаат попис на се што ќе одземат. При тоа во една од книгите биле најдени и пари, некоја ситна сума, која вториот син на Лазар, Тихо таму си ги чувал. Еден од инспекторите ги земал парите и стуткал во џеб, но малиот Тихо почнал да плаче и си ги бара парите кои скришум ги штедел, и за да не пукне срамот полицаецот ги вратил.
При предрагата на домот на еден од милицајците татко ми му рече ,,момче,, што него го изнервира и налути,му кажа дека не е тој тоа, туку милицаец па го удри со бокс во глава. По ова татко ми го погоди, што се вика ,рече ,,уф,, и истиот ден до вечерта умре – вели Смилевски. Како драгоцен реликт и денес Никифор љубоморно ги чува неколкуте енциклопедии, со повеќе стотина страници, кои датираат од 1920, каде има бројни одговори за сите работи кои човештвото ги познавало пред еден век.
Tweet |