Петар Печков
Објавено: понеделник, 03 декември 2012
Многу пречки за нормален живот имаат лицата со инвалидност во земјава. Тие секојдневно се судруваат со непристапни јавни установи, високи тротоари, немање паркинг простор, семафори без звучна сигнализација. Но државата и локалната заедница преземаат мерки за отстранување на овие недостатоци, во интерес на подобар живот на оваа категорија граѓани. Ова беше речено на трибина за правата на лицата со инвалидност која се одржа во Велес.
Лицата со инвалидност повеќе не се товар на општеството туку активно членови кои можат да придонесуваат во него. Ако се отстранат пречките, овие лица можат да придонесуваат еднакво, како сите останати граѓани во сите области на општественото живеење – вели Бранимир Јовановски претседател на национално координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност, освојувач на златен медал на Пара –Олимпијадата во Барселона 1992 година.
Локалните власти во Велес преземаат низа чекори со кој ќе им помогнат на оваа категорија сограѓани, за што добија пофалби од граѓанските здруженија каде членуваат лицата со инвалидност. Новата зграда на Градската библиотека е со пристапна рампа а во неа има и лифт намета за овие лица. Граѓанскиот центар за односи со јавноста на општината се постави на приземје за да може да ги задоволи потребите на сите велешани, пролетва се изгради пристапна рампа до Младинскиот парк, каде со години се организираа разни манифестации а лицата со инвалидитет можеа да ги следат само од подалечната околина, но не и поблизу.
Знам дека многу пати за жал одредена категорија на наши сограѓани има пречки да дојде до одредена цел. Понекогаш тие се физички пречки , некогаш тоа се предрасудите кои ги имаме. Затоа основна наша заложба е да им овозможиме на сите наши сограѓани еднакви можности - рече Горан Петров градоначалник на Општина Велес.
Но остануваат да се решат и пристапот преку Мало мовче, надвозникот на железничката пруга во Нова Населба. Од јавните институции зградата на Поштата е најлош пример на непристапност ,за разлика од нив Основниот суд во Велес изградија пристапна патека и лифт. Лицата со инвалидност го посочија Фондот за здравство во делот на инвалидските помагала како проблем. Не можат секогаш да ја набават онаа инвалидска количка која тие ја сакаат.
Ние кога идеме на седници доаѓаме во одело, ама дома седиме во маици. Така е и со инвалидските колички. Таа е одраз на статусот на едно лице. Нас не гледаат во нив, и така не препознаваат. Одиме на работа, на факултет, по улица. Згора на тоа нас различно не именуваат од лица со посебни потреби, посебни способности, лица со хендикеп, што внесува забуна или пак не соодветствуваат со состојбата - вели Јовановски.
Лицата со инвалидитет бараат да се реализира националната стратегија за изедначување на нивните права со сите останати. На тој начин ќе се вклучат во нормалните текови на општествениот живот. Примерот со паркирањето, кој е идентичен низ цела Македонија е типичен како се гледа на нив. Иако сообраќајните знаци покажуваат за кои возила се наменети, таму ретко можат да се паркираат сопствениците на автомобили, кои се лица со инвалидност
Tweet |