Петар Печков
Објавено: среда, 06 јули 2011
Меѓу поголемите летни празници што се празнуваат со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност празник посветен на раѓањето на Свети Јован Крстител.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање.
Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на Св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на Свети Јован Крстител, Собор на Свети Јован Крстител, итн. Во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството.
Свети Петар - кључи од рајови,
Свет Илија - сиљни секавици,
Свети Јован - кумство, побратимство,
Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на Св. Јован Крстител. Во народната традиција овој празник е поврзан со летната солстиција, односно со периодот на долгодневицата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата.
Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета и била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исус. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета.
Тие веќе беа остареле , а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел.
Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: „Нека се вика Јован”. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.
Во младоста Јован го сакал животот во пустината. Живеел во некоја пустина во долниот тек на реката Јордан, се облекувал со ткаенини од влакна од камила, а се хранел со скакулци и мед од диви пчели и со корења од билки. Кога наполнил 30 години по божја волја ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покаат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот.
Јован отворено зборувал против сите неправди, мани и негативности кај луѓето. Грешниците ги повикувал да се покаат и поправат за да им стане достапно царството небесно.
Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.
Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.
Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, кое што го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци.
Tweet |