Петар Печков
Објавено: среда, 02 јули 2014
По информацијата дека селските чешми и водоводи се со неквалитетна вода, која е хемиски и бактериолошки неисправна, кај читателите на ТРМР се јави интерес кои се тоа чешми, чија вода не се препорачува за пиење.
Разбирливо што во овој летен период дел од луѓето се враќаат во селата, каде го минуваат слободното време. Одговорот од Центарот за јавно здравје од Велес е поразителен. Само една единствена чешма ги задоволува критериумите за користење за пиење, се останато е неупотребливо и лошо по здравјето.
Како стручна служба можам да кажам дека единствено чешмата во Башино село е со квалитет за користење и пиење. Ова се однесува на селските чешми. Таа со години има континуиран квалитет, хемиски и бактериолошки е исправна, се останато е неисправно. Некои во одреден период се квалитетни, во друг не се. Поради тоа не се препорачуваат за пиење. Единствено оваа во Башино село за сите години кога се испитува е постојано исправна и затоа можеме да ја препорачаме за пиење. Се разбира на прво место е водата од градскиот водовод, но доколку некој сака да ја пие оваа од таму, може – изјави д-р Снежана Петрова од ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес.
Иако во дел до селата во пошироката општина Велес се изградени водоводи, не се поставени хлоринатори. Поради тоа, овие водоводи и чешми имаат неисправна вода. Докторите објаснуваат дека месното население кое со години ја употребува стекнуваат имунитет, но доколку се напие некој нов дојденец, тој ќе има здравствени проблеми, повраќање, пролив, температура. Затоа се препорачува водата од сите останати селски чешми во велешко да се преврива, пред употреба.
Tweet |