Петар Печков
Објавено: петок, 04 јуни 2021
Улицата „Академик Пенчо Давчев“ која е регионален пат, во еден дел е опасна и ризична за возилата кои минуваат по неа. Таа се наоѓа на излезот од Велес, и ја користат товарните возила од правец на Штип кои влегуваат во Велес, во индустриската зона.
На свиокот, во близина на рампата од Штипска пруга, има свлечиште, кое ја загрозува безбедноста на возилата. По неодамнешниот дожд, земјата е свлечена до самиот раб на патот, и отстранети се сигурносните столпчиња. Реакциите на велешани кои тука минуваат секојдневно а живеат во месноста Речани се жестоки.
„Не се чувствуваме безбедни кога минуваме со возилата. Земјата попушта, се свлекува веќе подолго време. Пред шест месеци поставија столпчиња, но водите кои се слеваат од повисоко и тука минуваат, го поткопаа патот а на некои места и го однесоа. Ризично е секое минување. Два камиони, за да влезат или излезат во Велес, мора од тука да минат, бидејќи тоа е единствениот влез од правец на Штип, едниот сопира да се разминат, нема место, патот е толку тесен“ - вели жител на месноста Речани. За ваквата состојба одговор побаравме од ЈП за државни патишта, под чија надлежност е оваа сообраќајница.
„Согласно со Договорот за одржување и заштита на патиштата, одржувањето на државните патишта е во надлежност на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта -ЈП Македонија пат. Сепак, по Вашето укажување за состојбата на обиколницата пред влезот во Велес, ЈП ДП ќе уригира кај надлежното ЈП Македонија пат за понатамошно постапување“ - е одговорот кој го испратија од ЈП ДП.
Tweet |