Петар Печков
Објавено: среда, 09 септември 2020
По шест месеци пауза, градинките денес ги отворија вратите за згрижување на децата од претшколска возраст. Поради состојбата со ковид-19, децата не посетуваа градинка и изминатиот период за нив се грижеа дома родителите или нивните баби и дедовци.
Од вкупно пријавени 404 деца на кои им е итно згрижувањето, на првиот ден присуствуваа 232 дечиња, во деветте објекти. Видно возбудени и среќни повеќето од децата поради повторното враќање назад, заедно со родителите доследно се придржуваа на пропишаните протоколи при приемот, држеа соодветно растојание на посебно одбележани симболи, носеа заштитни маски, доаѓаа во временската рамка која ја навеле во сопствената изјава. Децата без проблем дозволуваа да им се измери температура на влезовите како дел од протоколот. Љубопитно го гледаа просторот околу нив, за кој што тимовите на градинката се погрижија да го разубават и збогатат со содржини соодветни за нивната возраст и интересите - изјави директорката на градинките Димче Мирчев, Маја Велиновска.
Согласно протоколите за ограничен број на деца, бројот на децата во групите, од превидени 650 слободни места во првата анкета со двајца вработени родители и самохрани родители кои имаа приоритет за згрижување, се пријавиле 404.
Прифаќањето на децата е во периодот од 5:30 до 8:30 часот, а заминувањето од градинка до 18 ч. Родителот во писмена изјава наведува најмногу две лица кои ќе го носат и земаат детето од градинката.
Трите клона на детските градинки, во село Караслари и населбите Градско и Чашка работат, иако интересот во овие објекти за згрижување на децата е мал.
Со оглед на тоа дека капацитетите не се целосно исполнети, во периодот што следи градинката планира да направи дополнителни анкети со останатите родители со цел да излезат во пресрет на што е можно повеќе семејства на кои згрижувањето на детето им е секојдневен проблем.
Tweet |