Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 јануари 2024
Вчера вечер, недела, се запалил оџак а потоа и кров од куќа, кај месноста Соколаана. Пожарот бил локализиран по два часа интервенција на велешките пожарникари. Од СВР Велес информираа дека куќата е сопственост на А.Ф.(41 год) од Велес а повредени лица нема.
„На ден 28 јануари во 21:25 примена е дојава за запалена куќа на ул. Кресенско Востание кај Соколаана. Територијалната Против Пожарна Единица Велес излезе на лице место со две против пожарни возила и шест пожарникари спасители. Благодарение на брзото пристигнување и брзата интервенција спречено е пожарот да се прошири на околните куќи“ - соопштија од ТППЕ Велес.
Велешките пожарникари интервенирале и неделата попладне, во близина на езеро Младост, каде горела нискостеблеста шума но и смрека. Освен пожарникарите интервенирале и петмина вработени од шумско стопанство Бабуна од Велес.
„На ден 28.01.2024 во 15:25 примена е дојава за задимување наспроти винарија Сопот. ТППЕ Велес излезе на лице место со едно против пожарно возило и тројца пожарникари спасители. По пристигнување на лице место затекнат е пожар во развиена фаза на површина околу пет хектари по неколку часа пожарот е целосно ликвидиран“ - соопштија од ТППЕ Велес.
фото ФБ/ТППЕ ВЕЛЕС
Tweet |