Петар Печков
Објавено: вторник, 24 март 2015
Во поширокиот велешки регион изминатата година имало осум заболени од туберкулоза, наспроти 15-те од 2013-тата. Ова го покажуваат податоците на Антитуберкулозниот диспанзер, при ЈЗУ Општа болница Велес, на 24 март светски дена на борбата против туберкулозата.
Шест од ланските заболени биле жени а најмладиот пациент е шестмесечно бебе, кое се заразило со доење од болната мајка.
Во првите три месеци од годинава во велешко е регистриран само еден новозаболен од туберкулоза, која успешно се лекува. Лекувањето на заболените е со бесплатни лекови од Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија, и ги има во Диспанзерот.
Навременото лекување и континуираното следење на состојбата на болните во текот на целата болест придонесуваат бројот на заболени да се сведе на минимум објаснуваат докторите.
Според лекарите, најдобра заштита од туберкулозата е одржување на личната хигиена. Лекувањето од туберкулоза најчесто трае неколку месеци. Кај новите болни тоа е шест месеци, кај рецидивите осум, а кај ретки случаи трае и до две години.
Tweet |