Петар Печков
Објавено: четврток, 15 март 2018
На вчерашната седница на Советот на Општина Велес беа донесени четири значајни одлуки, за развојот на општината во следниот период. Повеќето од нив, три точки беа донесени и со поддршка од опозицијата, која на оваа седнциа зема и активно учество во работата.
Велес паметен град – Стратегија за развој 2018-2030 и План за одржлива урбана мобилност,беа донесени едногласно со поддршка до 22 советника, ЈП ,,Велес гас,, го поддржаа 21 советник еден беше против а ЈП ,,Велес паркинг,, доби 13 гласа за и 9 против. Градоначалникот Коцевски изрази благодарност за поддршката од советниците за сите овие предлог точки.
Се очекува точно за 2 години гасот да стигне во Велес. Општина Велес нема да го губи тој период од две години и ќе се искористи за сите неопходни активности, за во моментот кога ќе стигне гасот во Велес, во тој цевковод, веднаш да може да се започне со приклучување. На системот најпрвин ќе се приклучи индустријата, потоа јавните објекти како што е општинската зграда, градинките, судот и сите други јавни институции лоцирани во Велес, потоа колективните стамбени згради и индивидуалните семејни домаќинства - рече Коцевски.
Додаде дека со гасификацијата на Велес придобивките ќе бидат огромни. Ќе се направи огромна заштеда на финансиски средства затоа што гасот е убедливо поевтин од сите други енергенси и голем бенефит ќе има и заради заштитата на животната средина. Целиот процес е планирано да трае во следните две години, период потребен за Владата на Република Македонија, гасот од Штип преку Свети Николе во должина од 28 километри да го доведе до Велес. Вкупната должина е 8 км Штип –Свети Николе и 20 км Свети Николе –Велес. Оваа година воглавно ќе се водат процесите за експропријација и изработка на изведбено-техничка документација.
Ново формираното Јавното претпријатие ,,Велес паркинг,, ќе работи на ефикасно и квалитетно задоволување на потребите на граѓаните на Општина Велес за паркирање на нивните возила, решавање на сообраќајниот метеж и проблемите со паркирање, во централното градско подрачје и воопшто целото подрачје на општината.
Едногласно беа усвоени и два проекти предложени од градоначалникот Аце Коцевски. Велес паметен град – Стратегија за развој 2018-2030. Паметен град е град што ја користи информатичко комуникациската технологија за подобрување на квалитетот на живот на своите граѓани, за зголемување на достапноста, за подобрување на квалитетот на јавните услуги, за зголемување на конкурентноста со обезбедување на потребите на сегашните и идните генерации со одржлив развој на стопанството и со искористување на ограничените ресусрси и со зачувување на животната средина.
Паметен град подразбира иновативен и ефикасен пристап на управување со градот, со неговите ресурси, со процесите и со јавните услуги, што овозможува соодветна примена на развиени дигитални решенија. Врамнотеженето користење на технологијата овозможува користење на напредни алатки, како и пристап до соодветни структурни податоци неопходни за носење на квалитетни одлуки и паметно управување со градот - вели Коцевски за стратегијата за развој на општината до 2030- година.
Беше донесена и одлука за изработка на план за одржлива урбана мобилност. Тој претставува стратешки документ чија цел е да се подобрат условите за живот на граѓаните со обезбедување на поголема мобилност на граѓаните, на јавниот и на деловниот сектор.Овој план ги следи најновите светски и европски трендови на промена на начинот на планирање на сообраќајот. Наместо автомобилите на прво место ќе се стават пешаците, потоа велосипедистите, па јавниот превоз и на крај користење на автомобилите на одржлив начин.
Во Велес мора да се создадат услови градот да биде достапен за сите граѓани без оглед на нивната возраст, полот, физичките способности и економски статус. Конечно градот да им го вратиме на луѓето наместо на автомобилите , особено на децата, затоа што ако градот е добар за децата е добар за сите останати - рече Коцевски за оваа одлука.
Tweet |