Петар Печков
Објавено: сабота, 19 февруари 2011
Со видео презентации на активностите на Сомбор и Велес, Војводина и Македонија, двата Црвени Крста се запознаа меѓусебно. И двете организации се пофалија со сработеното лани, со нивните достигнувања и хуманоста на луѓето.
Презадоволни сме од тоа што 2010-тата година го натфрливме планот за крводарување. Наместо 3 дадовме 3,2 отсто од планираните крвни единици. Рекордер ни е лице со 147 пати дарувана течност. Посебно сме задоволни што последните три години ги анимиравме младите тие да станат крводарители по прв пат, тоа се однесува на студентите и средношколците од четврта година. Имаме и народна кујна која работи во рамките на Црвениот крст и таа прехранува 500 граѓани на Сомбор. Подготвуваме, делиме и дистрибуираме по едно јадење во текот на денот, пет дена во неделата, во повеќе градов во Војводина. Списоците се во соработка со Центарот за социјална работа а се финансираме Буџетот на градот Сомбор како и донации на храна од локални фирми - вели Гордана Савин секретар на Градската организација на црвен крст на Сомбор.
Во Црвениот крст на Војводина се горди што лани е натфрлен планот и дури 4 отсто од граѓаните дарувале крв, наспроти нормативот од 3 отсто и дури 11 општини имаат повеќе од 5 отсто дарувана крв, каде нови дарители се младите а рекордер е Бачки Петровац. Со сличен успех, во една од хуманитарните дејности, крводарувањето може да се пофали и Црвениот крст на Велес и на Македонија.
Оваа средба е добредојдена, за размена на искуства но и за проширување на соработката, за што ќе потпишеме и договор на општинско ниво. Ова е во заеднички интерес и на Црвениот крст но и на граѓаните. Лани после многу години за прв пат во Македонија е натфрлен планот за собирање на крвни единици со 103 отсто а лидер е Крушево а Велес во неколку часа во акција собра 382 единици, што е рекорд. Имаме се повеќе млади крводарители, што значи дека има иднина за крводарителството – изјави Милчо Трајков претседател на Црвен крст на Македонија.
Ваквите резултати тој ги толкува со фактот, што во анкета од декември лани на МЦМС, во Црвениот крст граѓаните имаат најмногу доверба, од сите граѓански здруженија.
Tweet |