Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 август 2011
Реката Тополка во нејзиниот долен тек ова лето е мртва река. Наместо бистра вода по неа тече матеж и таа е бела, како млеко. Така едно од омилените капалишта на велешани , годинава но и последните неколку е некорисно. На ова реагираат жителите од Долни дуќани и од населбата Превалец.
Нашите деца за да дојдат до базенот треба да го минат цел град а Тополка им е тука пред носот. Но за жал таа е бела, нечиста, забранета за капење. Пред нас е и Вардар, омилените капалишта Јаниташ и Адата, ама Вардар е вон категорија на загаденост, така што децата немаат каде да се освежуваат овие летни денови. Ние тука се бањавме како мали, ама тоа време мина, сега и двете реки се згадени – велат постарите жители на месноста Долни дуќани.
Тие посочуваат дека причина за задената река е фабриката за вар Превалец, чии отпадни води директно се влеваат во реката. Кон нивните реакции се придружија и членовите на ЕД ,,Бреза,,.
Тополка како и другите реки бара соодветна општествена грижа. Не може некој без контрола да ги исфрла нивните отпадни материи во водата. Затоа е потребно надлежните инспекции да воведат ред – велат од ЕД,, Бреза,, . Тие како прилог ја доставуваат и забраната за користење на водата од долниот тек на реката Тополка од населбата Превалец, па до устието во реката Вардар.
Таа била со висок степен концентрација на прашина. Дури и самиот сопственик на фабриката за вар, во елаборатот со кој бара ,,Б,, интегрирана еколошка дозвола констатирал дека отпадните води на каменоломот без претходен третман ја напуштаат локацијата и се влеваат во реката. Дури не е позната ниту количината на технолошката отпадна вода која се влева во Тополка. Додека со истиот каменолом работела фабриката АД ,,Киро Ќучук,, измерени биле 20 метри кубни на час кои непреработени се влеваат во Тополка.
Анализата на примероци од отпадната вода на каменоломот од страна на Природно - математичкиот факултет покажала измерени високи концентрации на цврсти честички. Последен пат било мерено на 22 ноември лани а оттогаш не. Единствено Институтот за јавно здравје алармира за и сега високата присутност на нечистотија во реката Тополка.
Новиот сопственик на каменоломот побара дозвола за ,,Б,, интегрирана еколошка дозвола, за чие добивање ќе се решат овие проблеми со матежот на реката. Сега како локалана власт единствено што можевме е да ја забраниме за капење, поливање на земјоделски површини и поење на стока – велат од локалната самоуправа на Велес. Дотогаш жителите од населбата Превалец и Долни Дуќани ќе немаат можност оваа река да ја употребуваат и користат за освежување.
Tweet |